22. Синедејс отвара и затвара со филмовите на Тозија и Цветановски


Дваесет и второто издание на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, ќе отвори и затвори со македонски премиери, објави Младинскиот културен центар (МКЦ).  Фестивалот на 13 јули отвора со светската премиера на „М“, вториот филм на Вардан Тозија, а на 18 е македонската премиера на „Бизнисот на задоволството“, дебито на Гоце Цветановски.

По успешното деби „Џган“ во 2016, Тозија се враќа со „М“, кој во мај беше прикажан на Канскиот маркет за филмски професионалци. „М“ е дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по мајка си. Играат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Матеј Сиваков, Камка Тоциновски, Верица Недеска, филмот е во продукција на „Фокус покус филмс“, како копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.

 
Во јуни, „Бизнисот на задоволството“ на Цветановски, беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „In the Palace“ во Софија, каде беше и светската  премиера. Политичкиот трилер „Бизнисот на задоволството“ се снимаше на врвот на пандемијата на Ковид-19 во есен 2020. Приказната следи новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Играат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, првпат е кинематографер на долгометражен игран филм. Продуценти се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
 

 

„Синедејс“ успешно го гради своето реноме на квалитетен меѓународен фестивал на европски филмови, кој цели две децении, во организација на Младинскиот културен центар, доволно гласно говори за нашата посебност и потребата за културни проблесоци. Фестивалот се одржува на различни локации, дел под отворено небо: покривот на ГТЦ и домот на култура на градежните работници „Кочо Рацин“, во Музејот на современата уметност, автокиното на Водно, во паркот МКЦ, киното „Милениум“, Кинотеката… – велат организаторите.
Традиционално, и зад селекцијата на годинашната програма со својот уметнички габарит стои Бернд Будер, а во неа е предвидено да бидат прикажани светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати целини, како што се Официјална селекција, СЕЕ-програма, МК шортс (кратки филмови). Мнозинството со нагласено внимание ќе ја чекаат и Гала-програмата.
– Ќе имаме одлична програма, со оглед на тоа колку ни е лимитиран буџетот. Повторно со фестивалски наслови во Гала-програмата, Официјалната и во СЕЕ-програмата, во која ќе имаме наслови од дебитанти – европски режисери под селекција на Бернд Будер, потоа мастеркласови и работилници за филм за најмладите, а филмот на отворање ќе биде премиера на филмот „М“ во режија на Вардан Тозија. Предвидени се и музички вечери за гостите и публиката во програмата Сие мјузик, вели Маргарита Арсова, програмска уредничка на „Синедејс“.

Лани на „Синедејс“ беа прикажани повеќе од 50 филма, а се одржа под мотото „Од високо подобро се гледа“.