„2023, Година во чест на Ацо Шопов“- повеќе од 40 учесници на Третата зимска школа при УКИМ


Повеќе од 40 учесници од 17 земји присуствуваат на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ) која до 28 јануари ќе се одржува виртуелно.

Школата годинава е во знакот на одбележувањето на 100 години од раѓањето на поетот и книжевен преведувач Ацо Шопов што се организира во соработка со УНЕСКО. Покровител на  чествувањето на јубилејот е претседателот на државата Стево Пендаровски, кој на отворањето на Школата во видеопорака истакна дека бројот на учесници и земји годинава сведочи за интересот за изучување на македонскиот јазик на што, како што рече, сите треба да бидеме особено горди.

-Без дилеми, меѓу учесниците имаме нови афирматори на македонскиот јазик, на македонската литература и култура, но и пријатели на нашата земја и нејзините убавини. Во исто време, искажаниот интерес нѐ потсетува и на обврската што ја имаме да го негуваме македонскиот јазик и постојaно да работиме на неговото зачувување и унапредување… Како наш идентитетски и духовен столб, односно, според Конески, „единствената наша комплетна татковина“, особено сме среќни што сѐ повеќе лингвисти, филолози, писатели и студенти покажуваат интерес за македонскиот јазик, рече Пендаровски.

Тој ја поздрави одлуката на Меѓународниот семинар, во рамките на годинашната Зимска школа наставата за семинаристите од напреднато рамниште во целост да биде посветена на поезијата на Ацо Шопов.

Според него, тоа ќе биде дополнителна мотивација и конкретна можност за ново приопштување на Шопов кон меѓународната читателска публика преку нови препеви и трудови за неговата поезија.

-Без сомнение, богатството на македонскиот јазик најубаво може да се види и преку пишаниот збор и достигнувањата на нашите литературни автори како Шопов, кој преку својот поетски израз отвора нови перспективи за препеви кои, самите по себе, покрај одличното познавање на јазикот на кој се напишани, се одраз на голема посветеност и креативност. Уживањето во раскошот на неговите стихови е најдобриот начин да ја почувстуваме убавината на македонскиот јазик и неговиот огромен потенцијал, рече шефот на државата.

Ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски во поздравното обраќање на учесниците на Школата им рече дека се нашите најголеми и  најзначајни амбасадори во светот кои го афирмираат македонскиот јазик.

-Учествуваат семинаристи од Кина, Виетнам, САД, Австралија, Полска, Турција, Словенија, Чешка, Унгарија, Грција, Бугарија, Молдавија, Руската Федерација, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Сите со решеност да ги продлабочат своите познавања за македонскиот јазик, литература и култура… Особено нѐ радува што преку ова издание на Зимската школа се потврдува дека веќе станува континуиран интересот за македонистиката од семинаристи од држави од кои претходно повеќе години немаше ученици на школи на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, рече ректорот на УКИМ.

За Шопов, пак,  посочи дека е една од централните личности на македонскиот 20 век, „културен придвижник“ кој ги поставил темелите на мостовите меѓу македонската и поголем број странски култури.

-Ние како негови потомци имаме обврска тие мостови да ги одржуваме и да ги зајакнуваме, но и да градиме нови, порача Јанкуловски додавајќи дека во тоа особено придонесува Семинарот со неговите заложби за отворање нови лекторати низ светот.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска додаде дека Шопов е еден од културните дејци преку чие дело нѐ препознава светот.

Наставата за семинаристите од напреднато рамниште во целост ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов. Таа очекува дека Зимската школа ќе придонесе за нови исчитувања на неговото творештво на странските универзитетски центри, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на Шопов дополнително ќе се афирмира во странските културни средини.

По поздравните обраќања почна работата на Зимската школа која ќе трае во наредните пет дена, со фонд од по 30 часа за сите групи учесници според степенот на познавање на македонскиот јазик и интересот искажан при пријавување на учеството – основно, средно и напреднато рамниште.

Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура се одржа пред две годни и беше во чест на еден век од раѓањето на Блаже Конески.