2021


ЛЕЈЛА САБИТ

Тивко, со петарди или со огномет влезе во нашите животи и ни посака нови 365 дена здравје, среќа, надежи, радости, желби, искушенија и предизвици.

Ја пречекавме без ќеф, на топло, на ладно, внатре или надвор, сами или во друштво, дома или на гости.

Пијани или трезни, здрави или болни, дотерани или во пижами, за некого дочекот беше специјален настан, а за некого-баш ми е гајле. 

Како ќе изгледа Новата 2021 година?

Дали ќе биде дама или тинејџерка, ангел, ѓавол или светица?

Какви подароци ни носи?

Мали, големи, скапи, евтини или симболични?

Раскошно завиткани или едноставни?

Со повод или без причина?

Од срце, од внимание, заради грижа на совест или колку да се каже?

Ќе не израдува, ќе не изненади, ќе не навреди или ќе не расплаче?

Никој наводно, неќе, ама сите се надеваат или очекуваат.

На подарокот не му се гледа во очи, ама самиот подарок гледа во очи.

Амбалажата може да ве восхити, ама содржината може да ве разочара.

Големото да биде мало, а малото големо.

Ништо не е како што изгледа ниту во животот. 

За некој подарокот е предмет, а за некој животот е подарок.

Внимавајте што ќе посакате во Новата година, може да ви се оствари!