Џафери: Уставните измени може да почнат уште на 1 октомври


Процедурата за уставни измени може да стартува уште на 1 октомври, ден по референдумот, вели претседателот на парламентот Талат Џафери, кој е и претседател на собраниската Комисија за уставни прашања. Во интервју за МИА, Џафери посочува дека постапката треба да почне што побрзо, со оглед на роковите што се предвидени за промена на Уставот.

– Постапката ќе почне во моментот кога до мене ќе биде поднесена предлог – одлука за пристапување кон уставни измени. Постапката треба да почне што е можно побрзо во контекст на временската дистанца за да може и официјално и институционално да отпочнат роковите затоа што во процедурата се пропишани соодветни рокови односно чекори за спроведување. Првиот чекор е одлука за пристапување кон уставни измени. За да се дојде до одлука има услови кога треба да се поднесе предлогот, колку време трае…треба да поминат не помалку од триесет дена за да се свика седница кога ќе добијам предлог. Можеби е потребно веднаш на први да се покрене постапка. Не е спорно на први да се има предлог дали потпишан од пратеници, дали потпишан од Влада, од претседател на држвата, дали потпишан од 150.000 граѓани…Може да поднесат предлог. Која од овие надлежни институции ќе ја преземе улогата да поднесе предлог е прашање на меѓупартиска одлука. За мене е битен моментот кога јас ќе го добијам тоа. Формално јас тоа можам да го добијам на 1 октомври и сум должен веднаш предлог-одлуката да ја доставам до сите пратеници и со тоа ми почнуваат роковите. Што значи 31-от ден треба да свикам седница.

За тоа колку со колку амандмани ќе се интервенира во Уставот, Џафери вели дека тоа е прашање на одлука.

-Откако ќе се донесе одлуката, има заклучок на истата седница со што се обврзува предлагачот во соодветен рок за кој ќе одлучи Собранието да достави нацрт – амандман. Е сега дали ќе бидат еден, два или пет, тоа е веќе работа на предлагачот на нацрт-амандманите. Тоа не може да се каже од оваа перспектива, вели Џафери.