Ќе се забрани увоз на лисици за мачење


Македонија и со регулирање на трговијата треба да покаже дека е против мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување и дека ја почитува Европската конвенција за човекови права. Министерството за економија веќе го подготвува законот за контрола на надворешно-трговскиот промет со одредени стоки кои може да се користат за смртна казна, тортура или друго сурово, нечовечно или деградирачко однесување или казна.

„Целта на предлог законот е регулирање на надворешно трговскиот режим на овој тип стоки, кој, покрај Царинската управа, ќе ја спроведува и Министерството за економија како надлежен орган. Во Националната програма за усогласување со законодавството на ЕУ, во делот на Поглавјето 30 – Надворешни односи, предвидено е усогласување со ЕУ регулативата во однос на трговија со одредени стоки кои може да се користат за смртна казна, тортура или друго сурово, нечовечно или деградирачко однесување или казна. Со транспонирање на оваа Регулатива во националното законодавство ќе се уредат условите и начинот за вршење увоз и извоз на стоки кои може да се користат за посочените цели, обезбедувањето посреднички услуги, техничка помош, обука и рекламирање поврзани со таквите стоки“, велат од Министерството за економија.

Европската регулатива пропишува забрана или контрола на вакви стоки. Од Министерството за економија појаснуваат дека забраната не важи, на пример за „обични лисици“ кои ги користат службени лица кога спроведуваат закон но се однесува на пранги, лисици и бразлетни за затвореници кои предизвикуваат физичка болка или страдање, како и лисици за ножни палци и завртки за палците со намена за изнудување на вистина.

Во предлог-законот „обични лисици“ се дефинираат како лисици кои имаат комплетна димензија вклучувајќи синџир, мерено од надворешниот раб на едната лисица до надворешниот раб на другата лисица, помеѓу 150 и 280 мм кога се заклучени и не се менуваат за да предизвикаат физичка болка или страдање.

Некои од стоките за кои не е дозволен увоз се: бесилка, гилотина, електрични столови за егзекуција, простории кои не пропуштаат воздух направени од челик и стакло, како и системи за автоматско вбризгување (дизајнирани за егзекуција со употреба на смртоносни гасови или супстанции), појаси за електричен шок, столови за принуда (при што не се опфатени оние што се за лица со посебни потреби), пранги, синџири за повеќе затвореници.

Анита Салтировска