Ќе се анализира регулативата поврзана со лошите кредити


Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Министерството за финансии изготвиле Стратегија за денаризација и Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните пласмани. Активностите се со цел за натамошно зајакнување на финансиска стабилност во земјата и вклучуваат повеќе мерки, за чиешто спроведување е предвидено вклучување и на други надлежни институции, информираше НБРМ.

Со Стратегијата за денаризација на Република Македонија се потврдуваат заложбите за натамошно јакнење на довербата и ширењето на употребата на домашната валута, што ќе придонесе за натамошно намалување на евроизацијата како значаен фактор за одржување стабилна економија и здрав банкарски сектор. Воедно, натамошното јакнење на довербата во домашната валута е во функција на поддршка на монетарната стратегија на таргетирање на девизниот курс на денарот. И покрај големиот напредок во намалувањето на евроизацијата (учеството на девизните депозити и депозитите со валутна клаузула во вкупните депозити од околу 59 проценти на почетокот на глобалната криза е намалено на околу 40 проценти), постои потреба од натамошно преземање активности во оваа сфера. Стратегијата нагласува дека прв и основен столб за соборување на евроизацијата е одржувањето на макроекономската стабилност, што успешно се остварува години наназад. Втор столб се посебните таргетирани мерки во различни области од страна на носителите на политиките, информира Народната банка, додавајќи дека се планирани и повеќе мерки за развој на домашните финансиски пазари и вложувањата во хартии од вредност во домашна валута.

Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните пласмани (лоши кредити) има за цел да придонесе кон подобрување на условите и зголемување на ефикасноста во наплатата на овие кредити, како и кон создавање услови за унапредување на деловните практики при прометот со побарувањата. Централната банка појаснува дека иако лошите кредити веќе се сведени на релативно ниско ниво од околу 5 проценти и се меѓу најниските во регионот, од клучно значење е постојано да се подобрува вкупниот амбиент за управување со нив.

НБРМ наведува дека ќе се зајакне супервизорскиот надзор на управувањето со нефункционалните кредити на банките, ќе се преземат активности за подобрување на финансиското известување и корпоративното управување на компаниите, ќе се спроведе анализа на регулативата во доменот на извршувањето, нотаријатот, стечајот и од областа на процената на имотот и нивното значење за управувањето со нефункционалните пласмани. Предвидени се и активности за развој на пазарот за нефункционални побарувања, како специфичен пазарен сегмент.