Ќе седне ли Иванов на обвинителна клупа


Ерол Ризаов

Предистражна постапка за претседателот на државата Ѓорге Иванов отвори скопското јавно обвинителство.

Даниела Рангелова, една од големите ударни сили од врвот на ВМРО-ДПМНЕ, поднесе оставка на функцијата претседател на Унијата на жени.

Иако двете вести беа очекувани, сепак одекнаа силно во јавноста како уште една најава дека Македонија се движи во вистинска насока и дека никој повеќе не може да ги запре историските процеси.

Претседателот Иванов може да седне на обвинителна клупа доколку предистрагата покаже дека двапати го прекршил членот 75 од Уставот. Многу сериозно обвинување кое може да биде предмет на судски процес првпат во историјата на Република Македонија против актуелен шеф на државата. Предистражната постапка на обвинителството е отпочната по две анонимни кривични пријави кои се во директна врска со непотпишување на законот за јазиците и договорот со Грција, кои двапати се изгласани и ратификувани во Собранието, што според поднесувачите на кривичната пријава значи кршење на Уставот. Веќе се преземени дејствија за проверка на наодите од пријавата и се побарани информации од Собранието, но и од Кабинетот на претседателот Иванов одговор кои се причините што не ги потпишал указите поради кои изгласаните закони не се објавени во „Службен весник“ и не можат да стапат во сила со што на државата ѝ се нанесува голема штета и се доведува во прашање нејзината безбедност, иднина и развој.

Претседателот Иванов со своите одлуки ги блокираше стратегиските приоритети и интереси на Република Македонија бидејќи договорот од Преспа, кој е ратификуван во Собранието, е предуслов за членство во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ, а законот за јазиците, исто така, кој на двапати е изгласан, со неговото попречување може да предизвика меѓуетнички конфликти и дестабилизација на земјата.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов во клучни историски периоди за иднината на Македонија донесе повеќе одлуки кои ги надминуваат неговите уставни надлежности, определувајќи се строго партиски во попречување на правдата и владеењето на правото. Неговата заштита на обвинети за криминал политичари од врвот на власта со аболиции и таканаречени пишман аболиции беа деградација на правосудниот систем и го нарушија угледот на државата во светот. Директните застрашувања на граѓаните дека со потпишување на договорот од Преспа се обезличува македонскиот народ и се брише македонскиот национален идентитет, дека се доведува во прашање признавањето на македонскиот јазик, беа јавно искажани лаги кои не се содржани во договорот што го прави Иванов недостоен да ја извршува функцијата претседател на државата.

Повикувањето од говорницата на ОН пред учесниците на Генералното собрание и пред светската јавност и од Мечкин Камен во говорот на празникот Илинден до граѓаните да не гласаат на референдумот и да го бојкотираат, се случаи без преседан не само во историјата на Македонија, туку и во светот. Укажувањата од уставотворци и научници кои го пишувале уставот дека се крши конститутивниот закон беа предвесник дека претседателот Ѓорге Иванов еден ден може да се најде на обвинителна клупа соочен со тужба.

Даниела Рангелова со својата оставка, а претходно со ставот да гласа на референдумот, покажува дека не станува збор за корумпирани и уценети пратеници, како што се обиде да ги оквалификува новото партиско раководство, туку дека во врвот на ВМРО-ДПМНЕ во тек е силен судир меѓу тие што се за европска ориентација на партијата и против нејзината изолација, против анахроното однесување на претседателот Христијан Мицкоски и неговите најблиски соработници. Таа во својата оставка вели не може да биде од раководството која ја однесе партијата во изолација со политички бизарности на неискреност, сплеткарење и кавги по принципот раздели па владеј, што дополнително го подели народот и внесе омраза помеѓу Македонците и членството на ВМРО-ДПМНЕ. Рангелова ја избегна патетиката на разочарани вмровски перјаници кога се обраќаат по вакви поводи, како што се оставки на функциите, кога вели дека не може да биде дел од игри водени од амбицијата да се нахранат некои суети, газење живи луѓе, болни амбиции и сопствено его. Очигледно е дека Рангелова не сака да ѝ наштети на партијата па дава до знаење дека натамошното прогласување на предавници и корумпирани пратеници од страна на партискиот врв може да ја премисли и да открие многу потешки работи отколку она што во оваа пригода го соопшти и на партискиот врв и на јавноста. Таа засега се определи да остане во ВМРО-ДПМНЕ. Не се приклучи на осумтемина пратеници кои формираа своја парламентарна група со јасна европска определба и гласаа за почнување со уставни промени, но јасно даде до знаење дека раководството на партијата е на погрешен пат потонат во изолација.

Уште колку оставки треба ги треснат од глава Христијан Мицкоски и неговите поддржувачи да им текне дека не можат да се решат проблемите со тоа што неистомислениците ќе се прогласат за предавници и корумпирани политичари и што ќе ги жигосаат јавно како баласт и главни виновници за сите грешки. Нивното фрлање во комшискиот двор како непотребни партали по долга употреба ја докажува стратегиската грешка на новото раководство дека воопшто не се работи за договорот со Грција и за идентитетски прашања, туку за спречување на правдата која треба да ги стаса најголемите виновници според праведно оценување на одговорноста.