Ќе им се намалат платите на Анѓушев, Шеќеринска, Спасовски, Османи и Лика


Актуелните вицепремиери Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика од идниот месец ќе земаат помала плата, согласно одлуката на Уставниот суд по иницијативата на политичката партија Левица.

Судот укина дел од членот 14 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и утврди дека функцијата „потпретседател на влада“ не постои во правниот промет на Република Македонија и аналогно на тоа не може да се пресметува посебен коефициент на плата за таа функција.

„Правниот тим на Левица со усвоената иницијатива од страна на Уставниот суд на РМ, успеа да го укине коефициентот за плати на непостоечката функција вицепремиер. Со ова, петтемината ‘потпретседатели на Влада’, Кочо Анѓушев, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика остануваат со помали плати во иднина“, напиша Димитар Апасиев од Левица.

Тој најави дека следна цел на партијата ќе биде укинување на апанажата на јавните функционери.