Ќе има полицајци и за лошите полицајци


Основно јавно обвинителство ќе добие посебен оддел што ќе ги гони полицајците што ќе го прекршат законот. Тоа е еден од новитетите во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, кој утре ќе се разгледува во Собранието. Предвидени се низа други мерки во кои ќе се регулираат полициските овластувања, прописи при приведување и вршење претрес, како и внатрешните работи во Министерството: категориите, статусот и посебните должности на вработените, материјалната одговорност, односно надоместокот на штета и дисциплинската одговорност.

Досега надворешната контрола на работењето на припадниците на МВР ја имаа Собранието и народниот правобранител, а сега се предвидува тоа да го има и одделението за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Конкретно, по прием на кривична пријава или добиено сознание дека работник на Министерството, без оглед дали бил на работа или не, сторил кривично дело со закани или средства за присилба, ако за последица настапила смрт, доколку предизвикал телесна повреда, противправно апсел, мачел, понижувал или на кој било друг начин ја злоупотребил должноста, Министерството веднаш ќе го извести специјалниот оддел на ОЈО.

Министерството, заедно со известувањето, ги доставува и сите извори на сознанија за стореното кривично дело, сторителот и жртвата и други извори на информации со кои располага“, објаснуваат од МВР.

Втората важна измена е предвидена околу начинот на користење средства за присилба, односно народски кажаниот полициски ќотек. Експертите алармираа дека полицајците, во недостиг на одредби, имаа дискреционо право да одлучуваат сами кога да применат сила. Со законските измени се предвидува забрана за употреба на средствата за присилба кон деца, очигледно болни, стари и изнемоштени лица, лица со тежок инвалидитет и жени со видлива бременост, освен доколку не постои друг начин за приведување или доколку им е загрозен животот на полицајците. Сепак, физичка сила, полициска палка, средства за врзување лица, уред за присилно запирање на возила и службено куче ќе може да се употребат исклучиво по наредба на директорот за јавна безбедност или од него овластен работник.

Од другите мерки, меѓудругото, барање за полициска асистенција ќе може да се побара три дена пред спроведувањето на извршувањето, а не пет како досега. Полициско повикување ќе се врши само со судска наредба и само тогаш кога е очигледно дека лицето одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која било предупредено на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда. Се продолжува од осум на 12 часа рокот за задржување на лице лишено од слобода, кое е под дејство на алкохол или други психотропни супстанции. Полицајците ќе бидат овластени при сопирање, легитимирање, преглед и претрес на лица, возила и багаж да користат технички средства или службено куче.

Целта е да се овозможи користење службено куче без маска, ако се има предвид дека основната функција службеното куче ја извршува преку вдишување мирисни честички преку сетилото за мирис – носот. Одредбата се однесува на службени кучиња наменети за специјални намени: трагање по експлозиви, опојни дроги и наркотици, оружје и муниција, трагање по човечки мирис… Користењето на заштитната маска го оневозможува кучето во извршувањето на основните функции“, велат предлагачите на законот.

Измените во законите за полиција и за внатрешни работи следуваат по забелешките нотирани во извештаите на меѓународните организации, по што МВР во јуни 2015 година поднесе барање до Советот на Европа за поддршка и техничка помош при воспоставувањето на надворешниот механизам за контрола над работата на полицијата.

Горан Адамовски