Ќерката на Ума Турман ќе глуми во новиот филм на Тарантино


САД-Маја Хок, ќерката на актерката Ума Турман и актерот Итан Хок, не е познато име во Холивуд но изгледа дека нејзиното педигре е доволна причина за одлуката на Квентин Тарантино да ѝ понуди улога во неговиот нов филм, „Once Upon a Time in Hollywood“.

Нејзината актерска кариера тргна во нагорна линија откако се појави во филмската адаптација на „Little Women“, а пред да биде избрана за филмот на Тарантино таа прифати да биде дел од третата сезона на серијата „Stranger Things“.

Дваесетгодишната Маја Хок ќе се појави во филмот „Once Upon a Time in Hollywood“, кој полека но сигурно добива огромна актерска екипа исполнета со холивудски ѕвезди, но и анонимуси за кои ова ќе биде шанса за првпат да се покажат пред светската публика. Веќе е познато дека во филмот главните улоги ќе ги имаат Леонардо Дикаприо, Бред Пит и Марго Роби, а покрај нив ќе се појават голем број познати актерски имиња како: Ал Пачино, Барт Рејнолдс, Лук Пери, Дакота Фенинг, Зои Бел, Тим Рот, Мајкл Мадсен, Курт Расел и други.

Кастингот на Маја Хок е контроверзен бидејќи пред само неколку месеци нејзината мајка, Ума Турман, го обвини Квентин Тарантино дека ја натерал да снима сцена со возење автомобил за потребите на филмот „Kill Bill“, во која таа се повредила со трајни последици. Тарантино изјави дека многу се кае поради тој потег, но односите помеѓу актерката и режисерот се влошија оттогаш наваму.

„Once Upon a Time in Hollywood“ изгледа како најамбициозниот проект на Тарантино досега, а филмот се очекува да дебитира во киносалите на 9 август 2019 година.