Јонуз: Столтенберг испрати последен јасен сигнал


„Македонија да заборави на членството во НАТО и ЕУ без решавање на спорот со името со Грција“. Ова беше пораката на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој пред два дена по прв пат дојде во Македонија, за да се сретне со државното раководство.

Но, аналитичарот Агим Јонузи вели дека пораката на Столтенберг е поголема од тоа. Според него, посетата на првиот човек на Алијансата на Македонија го сигнализира последниот рок за позитивно исполнувањето на условите за членство во НАТО и во ЕУ.

На средбата со премиерот Заев, Столтенберг изјави дека Алијансата нема да се вклучи во комплексните прашања на Македонија со соседите, но ќе ја поддржи и охрабри земјата што побргу да ги реши овие проблеми.

„Нема план Б. Нема друг пат за да се стане дел од НАТО без да се реши спорот со името со Грција. Мислам дека е важно да бидеме амбициозни, но уште поамбициозно е да бидеме реални. НАТО донесува одлука со консензус. Ние ве охрабруваме да ги решите комплексните прашања, но ние како НАТО нема да го решиме проблемот со името со Грција“, рече Столтенберг.

Говорот на првиот човек на НАТО пред пратениците на Македонија, става до знаење дека само добрите односи со соседите и реформите го олеснуваат патот кон евроатланските интеграции. Столтенберг изјави дека новата влада мисли позитивно и се надева дека Македонија ќе стане 30 членка на НАТО.

Тој, исто така го поздрави ратификувањето на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. На овој договор вчера му даде зелено светло и бугарскиот Парламент со 186 гласа за, ниту еден против или воздржан.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов го нарече ова подавање рака, велејќи дека се надева оти Македонија што поскоро ќе го реши проблемот и со Грција и ќе се зачлени во НАТО и ЕУ. /Алсат-М