Јоксимовиќ: Србија ќе и помогне на Македонија на европскиот пат


Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ денеска оствари средба со македонската амбасадорка во Белград Вера Јовановска Типко, при што ја информираше за досегашните и идните активности на Србија во процесот на европските интеграции.

Јоксимовиќ на средбата, како што јави дописникот на МИА од Белград, изразила подготвеност на Србија да и помогне на Македонија на европскиот пат преку различни типови на техничка помош и размена на искуства.

Јовановска од своја страна оцени дека реформите што ги спроведува Србија даваат резултати, со констатација дека помошта на Македонија би и била корисна и искуствено значајна.

Соговорниците на средбата ја истакнале важноста од воспоставувањето на програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји – потпишана во декември 2017 година, која уште повеќе придонесува за промоција на вработувањето и мобилноста на работната сила, како и за зајакнување на социјалната и културна соработка во пограничните општини.

Говорејќи за состојбата во регионот, Јоксимовиќ и Јовановска констатирале дека сите преку конкретни активности треба да ги следат принципите според кои стабилност е предуслов за мирот, соработката, развојот и напредокот.

Јоксимовиќ и Јовановска разговараа и за претстојната посета на македонскиот вицепремиер за европски прашања- Бујар Османи на Белград, кон крајот на јануари, и за темите кои ќе бидат на агендата.

Денешната средба на министерката за европска интеграција Јадранка Јоксимовиќ со Вера Јовановска Типко е проштална посета на македонската амбасадорка во Белград, на која мандатот и истекнува на 1 февруари.