Јовески: Сменете ме или оставете ме на раат!


Апелирам до политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во вршењето на јавно-обвинителската работа, како што е случајот деновиве. Обвинителите својата работа ја вршат и одлуките ги носат и ќе ги носат исклучиво врз основа на одредбите од законот и изведените докази. Со моето доаѓање на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија, ветив дека одлуките нема да се носат врз основа на желби на партиските штабови или центри на моќ. Професионализацијата и враќањето на довербата во Обвинителството ми се основни принципи при вршењето на оваа одговорна функција“, се пожали новиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Во писмената изјава испратена до медиумите, тој посочува дека политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција и без разлика на етничка припадност, се заложија дека ќе ги тргнат рацете од Обвинителството, ќе ја почитуваат неговата самостојност и дека се залагаат за вистински реформи во правосудниот систем.

Затоа барам, и во случајот кој деновиве ја бранува јавноста, да постапуваат согласно нивните јавно искажани и декларирани принципи“, вели Јовески, алудирајќи на протестите во Скопје по смртта на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово, чие судење го следат разни контроверзии поради кривичното дело: сообраќајна несреќа со смртни последици, а не убиство со умисла како што бараат неговите блиски и поголемиот дел од јавноста.

Јавниот обвинител уверува дека во случајот се постапува неселективно, непристрасно, професионално и врз основа на законот. Апелира при коментирањето и оценките за конкретниот кривично-правен настан, да се земат предвид сите докази и факти од целиот настаn, а потоа со целосна анализа на доказите се утврдува материјалната вистина и кривичната одговорност.

Политичките субјекти доколку се сомневаат или имаат забелешки на мојата професионална работа можат да побараат мое разрешување. Додека ја вршам фукцијата Јавен обвинител на Република Македонија, сторителите ќе бидат третирани врз основа на фактите и стореното кривично дело, а не врз основа на етничка или партиска припадност“, потенцира Јовески..

Во текот на денот, тој се сретна и со претставници на Здружението на новинарите на Македонија, при што се разговараше за подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани изрази загриженост дека во Македонија постои политика на неказнивост на насилството на новинари. Селмани побара од Јовески обвинителството побрзо да ги процесуира овие предмети со цел насилниците да се изведат пред лицето на правдата. Тој се пожали дека во изминатиот период, обвинителството ги одбиваше пријавите за говор на омраза и тоа без сериозна аргументација. Селмани побара обвинителството повторно да ги разгледа овие пријави и да види дали обвинителите постапиле одговорно. (Г.А.)