Јилдирим: ЕУ повторно да размисли какво место ќе има Турција
Европската унија е „целосно збунета“ откако Велика Британија гласаше да ја напушти и треба одново да ја разгледа својата визија за проширувањето и за местото на Турција во него, изјави турскиот премиер Бинали Јилдирим за време на посетата на Лондон.
– По одлуката за Брегзит, ЕУ е сосема збунета. Тие треба да ја преразгледаат својата визија за иднината, до кој степен ќе се прошируваат и какво место ќе има Турција во тоа. Ние сме тука. Никаде нема да отидеме, изјави Јилдирим во Лондон.
Турција од 2005 година води преговори за членство во ЕУ, но масовната чистка, која ја спроведува Владата по ланскиот неуспешен обид за превра, ги влоши односите меѓу Брисел и Анкара.
Јилдирим исто така рече дека Турција не верува оти кризата во соседна Сирија може да се реши, додека е на власт сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Актуелниот режим е одговорен за начинот на кој се развиват работите во Сирија…Не мислам дека е реална перспективата да се изгради траен мир во Сирија, додека Асад е на својата функција, истакна турскиот премиер.