Јеремиќ: Во Србија нема услови за фер и слободни избори


Лидерот на Народната партија (НС) и председавач на најсилната српска опозициска коалиција, Сојузот за Србија (СзС), Вук Јеремиќ денеска изјави дека ставот на СзС е оти во моментов „нема услови“ за одржување на слободни и фер избори во земјата, бидејќи, како што рече, институциите се заробени, а медиумите не се слободни.

– Народната партија се залага за бојкот на Парламентот, бидејќи во фингирање на работата на државните институции не треба да  се учествува. Важно е во врска со таа одлука да бидеме единствени, нема да дозволиме поделби, иако режимот ќе се обиде да ги предизвика, изјави Јеремиќ на денешната прес-конференција во седиштето на СзС.

Тој додаде дека една од основните точки на следните граѓански протест треба да биде ставот на опозицијата оти тие повеќе нема да учествуваат во „претставите што ги организира режимот, како што се изборите“.

Јеремиќ, кој е поранешен шеф на српската дипломатија, изјави дека ниту еден од лидерите на опозицискиот блок нема да биде вклучен во можната идна преодна влада, која СзС ја предлага за „периодот по разрешувањето на актуелната Влада на Александар Вучиќ’, додавајќи дека за тие места има „доволно професионални и чесни луѓе“.

Тој додаде дека програмата на оваа идна влада ќе се базира на 30-те точки, кои СзС веќе ги има претставено.

– Сите ние работиме заедно на една цел, а тоа е промена на состојбата во Србија и враќање на нормалноста во институциите, медиумите, училиштата, болниците и улиците, истакна Јеремиќ и ги покани граѓаните на нов протестен собир в сабота во Белград.

Запрашан дали СзС официјално ќе ја преземе организацијата на протестите низ цела Србија, Јеремиќ одговори дека блокот на некој начин ги иницирал протестните собири по нападот врз лидерот на опозициската партија Левица на Србија (ЛС), Борко Стефановиќ во Крушевац и дека ќе продолжи силно да ги поддржува.

Коментирајќи го ставот за бојкот на изборите, претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац изјави дека бојкотот не е цел сам по себе, туку дека цел се слободни и фер избори.

Според него, до бојкотот треба да дојде ако опозицијата не може да се избори за фер изборни услови при кои би можела да победи.