Јавни, тајни, принципиелни и непринципиелни коалиции


Роберт Несими, публицист

Конвенционално и општоприфатливо е веќе да се каже дека декемвриските парламентарни избори донесоа вистински потрес во политичката сцена, и тоа поради крајот на десетгодишната доминација на ВМРО и смената на власта. Всушност, вистинскиот потрес беше појавата и успехот на двете нови албански субјекти, „Алијанса за Албанците“ и Движењето Беса, феномен што им стави крај на веќе предвидливите кујнски игри на дотогашната „голема четворка“ ВМРО-СДСМ-ДУИ-ДПА, која во новонастанатата состојба се принуди да состави чудни коалиции на локалните избори. Станува збор за неколку коалиции, повеќето тајни и непринципиелни отколку јавни и принципиелни, како што претпочитаа да се претстават. Имено, во јавноста (а посебно македонската медиумска сфера) СДСМ и ДУИ успеаја да создадат слика на една успешна граѓанска и меѓуетничка предизборна коалиција, со цел да се прикаже другата јавна коалиција Алијанса-Беса како опортунистичка, националистичка и ретроградна, која наводно била во таен сојуз со ВМРО. Како што се виде на самите избори, во реалноста функционираа други коалиции, односно тивок сојуз на „големата четворка“ против двете нови субјекти.

Но да одиме по ред. Првиот потег на локалните избори го повлекоа СДСМ-ДУИ, со некандидирање на СДСМ во неколку албански општини, дури и во места каде што беше прва партија на парламентарните избори. Потоа тоа се дополни со јавната поддршка на СДСМ и кампањата на Заев за кандидатите на ДУИ. Се разбира, тоа не е спорно бидејќи секоја партија има право да коалицира по сопствен избор. Но обидите ваквата коалиција да се прикаже како прогресивна и водена од принципи веднаш паднаа во вода на два момента.

Прво, беше лицемерно таа коалиција да се претстави како продолжение на коалицијата на централно ниво, бидејќи СДСМ-ДУИ настапија заеднички против третиот коалиционен партнер Алијансата, без чие жртвување ВМРО сè уште ќе беше на власт, а Заев во затвор во Шутка. Второ, ваквата коалиција се оправдуваше и како одговор на наводната тајна коалиција на Беса со ВМРО, веројатно за да се добие од моменталната антипатија на албанците кон ВМРО. Што е најлошо, ваквите инсинуации продолжија и откако Беса негираше таква коалиција (а тоа се покажа и на самиот изборен ден), и тоа од самиот врв на власта, односно премиерот и министерот за внатрешни работи. Се поставува прашањето дали премиерот и првиот полицаец имаа тајни информации за таква соработка и ги користеа за политички цели, што би било злоупотреба на службена должност и корист на државата за партиски цели, или просто се работи за политичка пропаганда која би изгледала поуверлива со оглед што доаѓа од високите државни позиции. Каков и да е одговорот, тоа збори за крајно лицемерно и опортунистичко здружување на СДСМ и ДУИ, без разлика на возвишената реторика со која ја китеа нивната коалиција. И тука не помага ниту оправдувањето дека на СДСМ му требаше ДУИ за да го добие Скопје; јасно беше како бел ден дека ВМРО немаше да добие гласови од албанците, без разлика кој со кого ќе коалицира.

Втората јавна коалиција, Алијанса-Беса, настапи во вториот круг како одговор на првата, и тоа во општините во западна Македонија. Политички и етички ова беше најнормалната коалиција во политичката историја на Македонија. Двете партии си ги измерија силите во првиот круг, а електоратот сакаше тие никаде да не бидат конкуренти во вториот круг, притоа математички да може да ги добијат сите општини каде се натпреваруваа. Политички двете се нови субјекти без конфликтно меѓусебно минато, инструментални за собор на режимот ВМРО-ДУИ, во подолги претходни преговори за коалицирање, кое го бараше и нивното членство, како и скоро целата независна албанска јавност. И тука најмалку држи констатацијата за непринципиелност поради тоа што едната партија е на власт а другата во опозиција; да се потсетиме на коалицијата ВМРО-СДСМ од 2013, само три месеци откако пратениците на СДСМ беа со сила извлечени од парламентот токму од ВМРО! Далеку од карактеризацијата како националистичка и опортунистичка, всушност ќе беше ненормално ова коалиција да не се случи. Тоа што било која коалиција на две албански партии некому по „default“ ќе му изгледа националистичка, повеќе зборува за нивниот светоглед отколку за реалноста.

Но кои беа вистинските коалиции, и што се случуваше во вториот изборен ден? Додека македонската јавност разбирливо беше преокупирана со дебаклот на ВМРО, по албанските општини функционираа други коалиции. Прво, резултатите од изборите покажаа дека гласачите на СДСМ беспрекорно го дадоа гласот за кандидатите на ДУИ и дека нема ништо од разликата меѓу „свесното граѓанство на СДСМ“ и „овците на ВМРО“. Второ, пред целосно да ја снема од сцената заборавената ДПА ја направи својата последна политичка „финта“ и му подари победа на ДУИ во Тетово и Теарце, со што го спаси некогашниот смртен непријател од тотален потоп во Полошко. Трето и најважно, ВМРО ги даде нејзините гласови во Струга за ДУИ, а гласаше за двете страни во другите општини. И тоа беше доволно за ДУИ. Математички е неспорен фактот дека во вториот круг нејзината судбина беше целосно во рацете на ВМРО; ВМРО можеше скроз да ја изгори ДУИ, но сепак одлучи да ја поштеди, и покрај нејзиното „неверство“ по парламентарните избори.

Имајќи ги на ум овие игри и овие изборни резултати, целосната слика што се добива е далеку од таа што се обидуваат да го прикажат ПР-службите на СДСМ-ДУИ за наводна победа на прогресивна, заедничка и мултиетничка Македонија наспроти ретроградните и националистички останати сили. Во реалниот свет „големата четворка“ продолжи тивко да соработува според потреба, а тоа донекаде продолжува да функционира и по завршување на локалните избори. Во ова насока нималку не се чудни „изнудувањата“ советници од ВМРО за мнозинство за коалицијата СДСМ-ДУИ во Струга и Гостивар, што се очекува да продолжи и во Тетово и Чаир; ниту пак се чудни превирањата во владината коалицијата и желбата Села таму да се замени со Тачи, Амди Бајрам, понекој социјалист или „забеган“ вмровец. Далеку од јавните и принципиелните коалиции, во Македонија сè уште владеат тајните и непринципиелните. Битката беше и е „старите“ против „новите“, status quo против промените. Овој пат тоа лесно се голта бидејќи се работи за две албански субјекти, но утре сигурно ќе се насочи против која било нова сила за промени.