Што ти кажав јас


Ерол Ризаов

Цела недела по референдумот ја слушам реченицата „што ти кажав јас“ како увод во сите разговори на најзначајната тема во земјата. Се намножија едно чудо генерали по битката, експерти од сите видови кои навреме предупредувале, ама немало кој да ги слушне.
Правни аналитичари и уставобранители ја толкуваат секоја точка и запирка од преспанскиот договор и ликуваат колку биле во право. Парадираат стари и нови откривачи на неправдите што ѝ се нанесени на Македонија, од Грција и од големите сили, од Америка и од ЕУ. Читаме прецизни адреси кој каде згрешил, колку е мртов или жив договорот со Грција. Веќе има едно чудо гробари и оживувачи на мртовецот. Се објавуваат на столбот на срамот на социјалните мрежи списоци на предавниците со име и презиме. Сите се повикуваат на народот, сите неизмерно ја сакаат Македонија, толку силно што веќе ја задушуваат.
Моите „консултации“ со граѓаните покажаа дека 90 отсто сакаат да ја видат Македонија во европското семејство. Исто толку, над 90 отсто, се против договорот со Грција. Над 90 отсто се против промена на името. Над 90 отсто се за добри односи со соседите и со големите светски сили. Над 90 отсто се за стабилна и безбедна држава. Над 90 отсто се за подобар и поквалитетен живот. Над 90 отсто се за почиста човекова околина. Над 90 отсто сакаат владеење на правото, независно судство и ефикасна борба против корупцијата и криминалот. Над 90 отсто се арамиите да завршат во затвор. Над 90 отсто се за слободни медиуми и за демократско општество. Над 90 отсто се за подобро образование и здравство. Над 90 отсто тврдат дека во изминатите 27 години независност Македонија не ги оствари очекувањата на граѓаните и не ја оправда самостојноста. Над 90 отсто од граѓаните за овој неуспех ги обвинуваат политичарите кои во изминатите децении на независност управуваа со државата. Над 90 отсто од граѓаните сакаат да се најде решение според волјата на народот.
Ако е точна оваа „консултација“ со граѓаните, дали може да се оствари. Дали има некој што знае како тоа може да се оствари ако цели 27 години не успеавме во тоа. На тие што ни го кажуваат патот и условите и што сакаат да ни помогнат како да стасаме до целта не им веруваме.
Што мислите, колку од овие 90 отсто лажат кога го тврдат тоа што го сакаат? Колку од овие 90 отсто навистина сакаат да бидат дел од Европа? Колку од овие 90 отсто разбрале кои услови треба да се исполнат за да им се остварат вековните стремежи? Колку од овие 90 отсто знаат дека тоа не е можно ако не прифатиме некои правила и за да се натпреваруваме во светската лига на шампионите? Консултациите со граѓаните покажаа дека во Македонија јасна е целта што ја сакаат над 90 отсто од граѓаните, ама не е познат патот како се стасува до таму. Некој упорно поставува лажни патокази, па едни влечат напред, други назад. Сите имаат силни аргументи дека така е најдобро оти всушност не разликуваат што е напред, а што е назад.
Кога го прашале францускиот претседател Шарл де Гол колку е тешко да се биде на чело на Франција, Де Гол рекол дека тешко е да се управува со нација која има 400 вида сирења. Кога го прашале Ѓорге Иванов, претседателот на Македонија, каде ја гледа иднината на Македонија, вели во Европа со членство во НАТО и во ЕУ. И тој е меѓу тие 90 отсто што се за европска иднина на земјата. Дали ви се верува? Ем за Европа, ем за мртов договор, ем за правда и право, ем за амнестија на криминалците што го ограбија народот, ем за демократија, ем за попречување на правдата. Итар Пејо од Валандово сега вели дека е крива владата што не обезбедила консензус. И, гледај чудо, во право е. Не ни требаше референдум без консензус. Претседателот бараше консензус за бојкот. Беше против евроинтеграции, против ЕУ и против НАТО. И сега бара одговорност кај други за своето злодело.
Чаре, има ли чаре? Се разбира дека има. Тие што рекоа дека ќе се жртвуваат за европската иднина на државата треба да го направат тоа. Имаат историска оправданост за такви чекори. После сите ќе тврдат дека биле за Европа. Нели се 90 отсто.
Една работа не смеат да ја симнат од умот македонските политичари ако не успеат да ја внесат Македонија во ЕУ и во НАТО по наша вина, кога сиот свет нè поддржува.. Тој историски неуспех би бил доказ дека на Балканот не се можни мултиетнички и мултикултурни општества. Тоа сознание, ако се дознае доцна, ќе биде почеток на распадот на Македонија. Ќе биде голем успех ако исчезнувањето на Македонија биде без пролевање крв. Кој колку е виновен што ќе ја снема државата, воопшто нема да биде важно, колку што не е важно што се распаднаа и поголеми држави на што бевме сведоци. Ќе се памтат само тие што ќе успеат да ја спасат Македонија. Досега не се распаднала ниту една членка на НАТО и на ЕУ. Памет во глава.