Шпенд Маџуни нов косовски прв разузнавач


На предлог на косовскиот претседател Хашим Тачи, а со согласност на премиерот Рамуш Харадинај, за нов директор на косовската тајна служба АКИ е именуван Шпенд Маџуни.

Како што јави дописникот на МИА, Маџуни, досегашен генерален директор на косовската полиција, доаѓа на местото на Дритон Гаши, кој поднесе оставка на барање на Харадинај, по случајот со апсењето и депортацијата на шестмината турски државјани во Турција.

Тие беа депортирани на барање на Турција под обвинение дека се следбеници на движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека е организатор на обидот за воен удар во земјата во јули 2016 година.

Поради депоратцијата на шестемина Турциа, Харадинај од функцијата министер за внатрешни работи го разреши и Фљамур Сефај и на негово место го именува Бејтуш Гаши.

По именувањето на Маџуни за нов косовски прв разузнавач, за вршител на должноста генерален директор на полицијата на Косово е поставен актуелниот заменик генерален директор Наим Реџа.