Шолц не побара решение за билатералниот спор, туку преговори за Македонија

Од моја гледна точка првата меѓувладина конференција со Северна Македонија  може да почне веднаш. Предусловите се исполнети, порача германскиот канцелар


Фото: Б. Грданоски

 

Германскиот канцелар Олаф Шолц порача денес од Скопје дека Македонија ги исполни сите услови што ги бара Европската унија и дека треба да ги почне преговорите што побргу. Тој не изнесе детали како да се дојде до таа цел, ниту пак го спомна како услов наоѓањето решение за билатералниот спор со Бугарија. Напротив, тој порача дека ЕУ е заедница на земји членки со заеднички интереси и дека сите во неа треба да дадат свој придонес за да функционира така. 

„Од моја гледна точка првата меѓувладина конференција со Северна Македонија може да почне веднаш. Предусловите се исполнети. Северна Македонија и Албанија заслужија овие конкретни преговори да започнат, а не да бидат пролонгирани повторно. Јас ќе се заложам за тоа“, рече германскиот канцелар на прес конференцијата по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, меѓу другото која се одржа и во четири очи. 

Фото: Б. Грданоски

Според него, време е по дадените ветувања да се прејде на дела.

„Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија. ЕУ кон Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори“, рече германскиот канцелар.

Тој нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција. Затоа, како што рече, остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од Северна Македонија и Владата работеа многу. Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори.

„Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам Северна Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите“, рече Шолц, додавајќи дека приклучувањето на Македонија кон политиката на ЕУ околу Украина покажала колку цврсто таа се залага за европските вредности.

Фото: Б. Грданоски

Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Северна Македонија на својот пат на ЕУ.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека ова е втора посета на еден германски канцелар за кратко време, што, според него, сведочи за исклучително добрите односи меѓу двете земји.

„Поддршката што ја добиваме од Сојузна Република Германија е силна, постојана и недвосмислена. Таа поддршка за нас е огромно охрабрување за нашите аспирации да изградиме просперитетно општество кое се темели врз европски вредности како рамноправен партнер на Сојузна Република Германија и другите земји членки на ЕУ“, оцени македонскиот премиер.

Посетата на Шолц, токму во пресрет на Самитот на ЕУ, според Ковачевски, е силен знак на поддршка на исполнетите критериуми на Северна Македонија. „Заедничките цели се нашата земја да е членка на ЕУ“, рече Ковачевски.

Ковачевски не сакаше да коментира околу новонастанатата политичка ситуација во Бугарија, порачувајќи дека Македонија сака да се дојде до решение и Бугарија треба да биде подготвена за тоа. Тој притоа ја повтори оценката дека ова прашање се инструментализира и политизира во соседната земја заради внатрешни потреби  и добивање политички поени и дека тоа не е добро. „Затоа, рече тој, не сакам да ги коментирам претпоставките во медиумите за одредени барања од Бугарија“, додавајќи дека во овој момент нема заеднички усогласен документ. На оваа тема Шолц дополни дека неговата посета сега е сондирање на просторот за преговорите. 

„Ако станува збор за одлуки засновани на заслуги, Македонија има поголемо усогласување со законодавството на ЕУ од некои држави кои преговараат над десет години и има направено сѐ за да се приклучи на Унијата“, додаде Ковачевски, споменувајќи ги тешките политички одлуки досега.

Од владата по средбата соопштија дека Шолц и Ковачевски разговарале за најважните прашања од приоритет за односите на двете земји, како и за  проширувањето на ЕУ, регионалната соработка и актуелната состојба со војната во Украина. Притоа, констатирале дека дека односите и соработката меѓу Македонија и Германија се базираат на многу интензивен политички дијалог и имаат значајна динамика на соработка во сите области. Двајцата оцениле дека Германија останува еден од клучните политички партнери на Македонија и значаен сојузник и поддржувач во процесот на европските интеграции на нашата земја, кој дополнително е охрабруван и поттикнуван низ повеќе регионални проекти, како Берлинскиот процес, за исполнувањето на препораките на ЕУ и неопходните реформи од европската агенда.

 

И на оваа средба било истакнато дека во пресрет на јунскиот самит на ЕУ под претседателство на Франција, од Брисел се очекува јасна порака и чекор за деблокирање на процесот за проширување со почеток на преговорите за Македонија, како земја којашто ги исполни сите критериуми и услови, и како стратешка одлука од безбедносно значење за Европа.

Германија, беше речено на средбата Ковачевски – Шолц, останува на определбата да биде најзначајниот трговски партнер на нашата земја, што е потврдено со најголемиот број германски компании присутни во Северна Македонија во кои работат повеќе од 20.000 македонски граѓани.

Од Скопје  Шолц ќе оди во Софија  каде што ќе се сретне со премиерот Кирил Петков, а потоа и со претседателот Румен Радев. Турнејата на Шолц се случува пред самитот на лидерите на ЕУ од кој Македонија и другите земји од регионот очекуваат конкретни одлуки, а не ветувања. Шолц им вети на Косово и на остатокот од Западен Балкан „реална шанса“ за европска интеграција. Сепак, тој испорача повеќе барања, од меѓусебното признавање на Косово и Србија, наоѓање прагматични решенија за спорните прашања и приклучување кон санкциите за Русија.

Останува да се види што ќе побара од Софија која ги блокира македонската и другите евроинтеграции. Вчера во текст за „Политико“ и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис побара одблокирање на разговорите за пристапување на Македонија и Албанија во Европската унија овој месец.