Шилегов ќе гради адреналинска жичница по идеја на Трајановски


Скопскиот градоначалник Петре Шилегов одлучи да реализира идеја на неговиот претходник. Ќе гради „зиплајн“, адреналинска жичница, која воопшто ја немаше ветено во изборната кампања. Градот веќе работи на проектот. Планирано е жичницата да се спушта од Музејот на современа уметност на Кале преку Вардар до Градскиот парк кај стадионот.

„Идејата претходно постоела, но не била реализирана од претходниците. Ова е сосема различен вид жичница од онаа на Водно. Не троши струја, движењето е со помош на гравитација, нема гондоли, нема столбови, чини многу помалку“, ни изјавија од Град Скопје. Предвидено е жичницата да биде во должина од 400 метри, а проценето е дека за неа ќе треба да се потрошат помеѓу 2 или 3 милиони евра. Жичницата ќе биде опремена со соодветна безбедносна опрема и систем за кочење со кој ќе се регулира брзината на движењето. Овој тип жичница не предвидува градење придружни објекти.

Планирано е тендерот за изведувач да биде распишан пролетва. Во меѓувреме, Град Скопје ќе треба да одлучи дали со жичницата ќе стопанисува ЈСП „Скопје“ или приватен концесионер.

„Зиплајнот во Скопје ќе ја зголеми туристичката и рекреативна понуда на градот и несомнено ќе го стави Скопје во редот на модерните европски градови кои посветено работат на унапредувањето на туризмот преку изградба на атрактивни објекти со потенцијал да привлечат нови туристи од земјата и од регионот“, додаваат од Град Скопје.

Инаку, сѐ уште не е јасна судбината на вториот дел од жичницата на Водно, кој треба да го поврзе Институтот за белодробни заболувања во Козле со Средно Водно.

Неофицијално, Град Скопје заедно со Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина се откажале од изградбата на втората фаза. Токму посочените институции неодамна со владина одлука требаше да го преиспитаат тој дел од проектот. Извори на „Независен весник“ велат оти извесно е дека одлуката наскоро ќе биде и официјализирана. Наводно, теренот во Козле и околната инфраструктура биле несоодветни и пресудни надлежните да кренат раце од продолжување на обичната жичница на Водно. Од Град Скопје, пак, велат дека проектот не е откажан.

„Не сме се откажале, но до нас нема стигнато таков проект. Во постојните планови тој не е предвиден“, одговараат од Градот.

Деспина Трајковска-Димова