Шилегов се подготвува за тунелот под Кале


 

Град Скопје се подготвува да ги гради тунелите под Кале, еден од најкапиталните инфраструктурни проекти ветени во изборната кампања на градоначалникот Петре Шилегов. Планирано е пролетва да почне да се испитува теренот и во зависност од резултатите да се почне со предвидената динамика.

„Постои готов инфраструктурен проект, а и тунелите се вцртани во Генералниот урбанистички план. Предвидено е оваа година да се направи проектната документација, а наредната да се почне со изведба“, велат од Град Скопје за „Независен весник“. Допрва ќе се знае ориентационо колку ќе чини изградбата, која пред сѐ ќе зависи од исходот од тендерот за избор на градежна фирма и дали во меѓувреме можеби ќе се договори во проектот финансиски да учествува и државата.

А, дека не е исклучена таа можност, показател е можеби и фотографијата која неодамна се појави на социјалните мрежи. Меѓу другите, на неа, покрај скопскиот градоначалник, се и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, кој е поранешен член на Советот на Град Скопје, директорот на владината служба за општи и заеднички работи Пеце Мирчески, министерката за одбрана Радмила Шекеринска…

„Не би можел ништо да ви кажам. Во моментов знам само дека досега не е донесена каква било одлука на Владата во врска со овој проект, односно за можна соработка меѓу централната власт и Град Скопје за евентуална изведба на тунелите“, ни изјави владиниот портпарол Бошњаковски.

Во неколку наврати градоначалникот Шилегов напомена дека инфраструктурата за него е императив.

„Во овој мандат или ќе го реализирам во целост или ќе почнам да го реализирам. Проектот со тунелите е неопходен доколку сакаме Скопје да функционира. Ние сме одлучни како администрација во овој мандат да го реализираме тоа“, изјави неодамна Шилегов и најави дека наскоро ќе почнат да се вршат геомеханички испитувања на теренот.

Инаку, како идеја проектот постои долги години. Го форсираа повеќе докажани инженери во својата област, но никој од претходните градоначалници не се нафати да го реализира. Тунелот постои во генералните урбанистички планови уште од 1965 година, а потоа е потврден во плановите од 1985, 2002 и за последен пат во 2012 година.

Тунелот, всушност, треба да минува помеѓу француските гробишта и Музејот на современата уметност. Се работи за едноцевен тунел, дел од идната оска на булеварите „Свети Климент Охридски“ и „Македонско-косовска бригада“, која треба да е втора директна врска на централното градско подрачје со северните делови на градот. Според урбанистичките планови, булеварот „Свети Климент Охридски“ кај Владата треба да се продолжи и да го премости Вардар, да влегува во тунел на околу 7 метри над улицата „Лазар Личеноски“ и после излезот од тунелот со клучка да се поврзе со булеварите „Македонско-косовска бригада“ и „Никола Карев“.

Во изминативе години упатените посочуваа дека земјиштето под Калето е меко бидејќи се работи за седиментна карпа, која лесно може да се издупчи и поради тоа нема да има поголем проблем во изградбата. Стручњаците укажуваа дека за овој проект би биле потребни околу 16 милиони евра.

Деспина Трајковска-Димова