Шилегов во Париз „краде“ искуства за модернизација на Скопје


Градоначалникот Петре Шилегов е во неколкудневна посета на Париз, каде меѓудругото, има средби со француски компании од кои се надева дека ќе добие помош за модернизација на Скопје.

„Насочени сме кон обновување на соработката со збратимените градови и градовите од пријателските европски земји. Зајакнувањето на меѓународните односи има големо влијание врз иднината на градот и затоа толку време и напори посветуваме на соработката. Се надевам дека француските компании ќе најдат начин како да ги искористат отворените врати на Град Скопје за со своите производи и искуства да помогнат во изградбата и модернизацијата на градот“, изјавил Шилегов на денешната средба со стопанствениците од Франција.

Од Град Скопје информираат дека градоначалникот одржува состаноци со заинтересирани страни на полето на урбаниот развој и меѓународната соработка. Утрово Шилегов имал излагање за приоритетите на Град Скопје пред членовите на работната група за одржлив град при МЕДЕФ (Стопанската комора на Франција), одржал индивидуални средби со заинтересирани компании коишто нудат свои производи од областа на градежништвото, енергетската ефикасност, урбаната мобилност, управувањето со отпад итн.

„Во поздравниот говор пред стопанствениците Шилегов информираше за борбата со загадувањето како најгорлив проблем на Скопје, плановите за масовно зазеленување на јавните простори, третманот на отпадните води, субвенциите за градските и приватните автобуски превозници, како и развојот на велосипедизмот во Скопје“, информираат од Град Скопје.

Шилегов денеска остварил и средба со заменик-градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, а за утре е планирана средба и со Флоранс Манжен, Директорка на директоратот за Континентална Европа при Министерството за надворешни работи и Европа на Република Франција.