Шест концерти на 22. Блуз и соул фестивал
Дваесет и вториот „Блуз и соул фестивал“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ќе се одржува три дена претстојниот викенд во пивница „Стар Град“ (Темов) во чаршија. Изведувачите годинава се од Македонија, Србија, Белгија и Данска и се по избор на Иво Солдатовиќ кој втора година е селектор на фестивалот.
„Блуз и соул“ в петок (21 септември) ќе го отвори „Crossroad Blues Band“, еден од најпознатите македонски блуз-бендови кој на сцената опстојува повеќе од две децении. Првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со четиричлениот белгиски состав „Shakedown Tim & The Rhythm Revue“ основан од Тим Шејкдаун, кој свири динамична комбинација на блуз, џамп-блуз и буги, до свинг и ритам и блуз.
Втората фестивалска вечер в сабота (22 септември) ќе ја отвори квинтетот „The Gamblers“ од Сремска Митровица, Србија, за кој селекторот Солдатовиќ на прес-конференција денеска рече дека се легендарен блуз-состав од 1984 година и оттогаш ја освојуваат регионалната блуз-сцена и настапуваат на престижни фестивали низ Европа.
Саботната блуз-вечер ќе заврши со настап на „Chris Grey & The BlueSpand“ од Данска, трио на Крис Греј кој е блуз-ѕвезда во Европа и светот. Нивниот груви-фанки блуз во последните две години ги освојува блуз-фановите низ Европа, а нив ги прави меѓу најпопуларните блуз-бендови.
На годинашниот фестивал ќе гостува уште еден српски блуз-бенд – петчлениот „The Blueshammer“ од Нови Сад кои прават атрактивни концерти со тексашки блуз и јужњачки рок и фанк. Тие ќе настапат в недела (23 септември), а по нив фестивалот со диџејски сет ќе го затвори Васја Ивановски, долгогодишен радиоводител и поранешен селектор на Блуз и соул фестивалот.
Селекторот Солдатовиќ ги повика сите што може да поддржат и да спозорираат македонска музика да им се обратат за, како што рече, да направат специјален фонд само за македонска вечер.
– Со кои било наши артисти, дали со авторска или туѓа музика. Би можеле да ја прошириме оркестарски, може да соработуваме со бендот на Здружението на џез-музичари, со кои било наши институции. Сепак, потребни се средства зашто тоа е голем проект, истакна Солдатовиќ.
Концертите на тридневниот „Блуз и соул“ ќе почнуваат од 21 часот. Влезниците за секоја вечер се по 200 денари или 500 денари за блок-влезници сите три вечери.