Шестмесечно бебе заболе од морбили


Два нови случаи на морбили регистрираше Институтот за јавно здравје. Едниот е дете на шестмесечна возраст, кое заради возраста сѐ уште не е вакцинирано (не подлежи на вакцинација) и е во добра општа состојба. Вториот случај е маж на 40-годишна возраст (вакциниран со една доза на вакцина), кој бил само амбулантски прегледан и пуштен на домашно лекување, соопштија од Министерството за здравство.

За двата случаи не постои податок за епидемиолошка поврзаност, како и податок за контакт со заболен од морбили.

Во моментов се регистрирани 1.739 случаи на заболени од грип и се очекува зголемување на активноста во следниот период. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство констатира дека грипот сѐ уште е со ниска активност.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил решенија до сите средни и основни училишта за преземање мерки за темелно чистење и за дезинфекција на училишните простории, обезбедување средства за лична хигиена (течен сапун), како и редовно следење на отсутноста на децата од настава.