Четворица обвинители бараат на обвинетиот за „случајот Алмир да му се суди за убиство


Четворица јавни обвинители од Јавното обвинителство, Ферат Елези, Башким Бесими, Џелал Бајрами и Исмаил Дардишта се против пресвртот што се случи вчера на судењето за случајот со малиот Алмир.

„Со преквалификацијата на кривичното дело Убиство во кривично дело од областа на сообраќајот е сторено повреда на основните начела на законот за јавното обвинителство како што се начелото на законитост, непристрасност, објективност и заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои воедно се основни и темелни вредности на Уставот“, се вели во реакцијата на четворица обвинители.

Овој став четворицата јавни обвинители го образложиле и на колегиумот во ЈОРМ одржан за овој настан.

Обвинетиот Бобан Илиќ обвинет за смртта на малиот Алмир Алиу од Куманово, нема да одговара за „Убиство со умисла“, туку за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, откако обвинителството го преквалификува делото.