Црна Гора разгледува воведување неработна недела во трговијата


Во Црна Гора се разгледува можноста за воведување на неработна недела во продавниците. Синџирот на малопродажни продавници што сугерира дека неделата е неработен ден, поддржан е од Комитетот за трговија на Стопанската комора.

Политичкиот аналитичар Предраг Дрецун изјави за црногорски портал дека ова ќе биде значајна промена во навиките на потрошувачите и трговците, бидејќи тие се одамна навикнати продавниците да работат во недела.

“Ова сигурно ќе води кон построго почитување на законот во однос на бројот на работни часови во текот на работната недела. Веројатно дека во почетокот промената ќе влијае на профитот но наскоро ќе се израмни, бидејќи луѓето ќе се прилагодат и повеќе ќе тргуваат во сабота или во петок. Дури по три месеци ќе може да се коментира како сето ова ќе функционира во пракса “, вели Дрецун.

Други аналитичари сметаат дека е тешко да се постигне договор на работодавачите и трговците.

“Во овој случај, интересите на работодавачите и трговците се сосема спротивни и може да биде тешко да се најде компромисно решение. Во демократските општества, неделата одамна е неработен ден. Ако е факт дека во трговијата работат главно жени, кои работат и кога не се на работа, тогаш е јасно колку ним би им значел еден неработен ден. На крајот, трговија не е активност којашто бара континуирана работа и само со добра организација, прометот што ќе се генерира во недела може да се префрли во друг работен ден. Проблем на работодавачите кои законски се бават со трговија, во случај на воведување на неработна недела, може да биде сивата економија, која во тој случај би била во експанзија “, вели Зденка Поповиќ од партијата „Демократска Црна Гора“.

Таа додава дека, за да се застане рамо до рамо со сите демократски општества кога станува збор за трговија, државата мора да им создаде услови и на работодавачите за нормална работа и генерирање на приходи и на трговците да не се плашат од уцена преку евентуално отпуштања како резултат на намалување на прометот поради неработната недела.

Од Унијата на слободни синдикати изјавуваат дека го поддржуваат овој предлог. Посебно нагласуваат дека практикувањето на неработна недела ќе придонесе за зачувување на семејството како основна клетка на општеството.