Ципрас ургирал кај Меркел за промена на Уставот
Германската канцеларка Ангела Меркел вчера, ден пред посетата на премиерот Зоран Заев, разговарала телефонски со грчкиот лидер Алексис Ципрас за спорот околу името.
„Двајцата лидери разговараа за текот на разговорите за прашањето за името на ПЈРМ, провокативната воздухопловна активност на Турција во Егејското Море и евро-турските односи“, стоеше во соопштение од кабинетот на Ципрас
Иако Меркел е до гуша во политички проблеми околу формирањето на владата, а политичка битка води и шефот на дипломатијата Зигмар Габриел во својата партија, Берлин е еден од центрите што стојат во сенка зад решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција. Грчката телевизија „Скај“ објави дека Ципрас на Меркел ѝ ја потенцирал потребата за конечно решение во спорот, со промена на уставното име на соседната земја. Според истите извори, грчкиот премиер и германската канцеларка се договориле да се сретнат во петок во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.
Оптимизмот од македонскиот премиер за решение на името до јули и изјавата дека идентитетот не е една од седумте точки за кои се преговара не останаа незабележани од грчките медиуми. „Бомба од Заев“ и „Заев откри дека за идентитетот не се преговара“, се главните коментари во текстовите на новинарите во Грција по интервјуто на македонскиот премиер за австриското радио ОРФ.
„Ако Грција навистина не го покренува прашањето со државјанството, тогаш веројатно преговорите се понапреднати од тоа што се проценуваше и имаат за цел изнаоѓање заемно прифатливо име. Во сценаријата што се слушаат е географската одредница, најверојатно „Горна Македонија“, пишува „Та неа“.
Информативниот портал „Њузпост“ коментира дека и покрај оптимизмот од Заев за решение до јули, сепак, од средбите на Никос Коѕиас и Никола Димитров, уште не излегол „бел чад“.
– Се чини дека „Горна Македонија“ е името што преовладува, но албанската заедница во ПЈРМ изразува резервираност во однос на употребата на словенска одредница. Кратенките и акронимите се поврзуваат со прашањето за Уставот, додека пак прашањето за трговската употреба се чини дека е едно од оние прашања што се решени“, пишува информативниот портал „Њузпост“ анализирајќи кои се трите точките за кои премиерот Заев рече дека се отстранети.
Во однос на барањата на Атина за промена на Уставот, се наведува дека според последните информации проценките се дека Гордиевиот јазол би можел да се пресече со меѓународна спогодба, ратификувана од Советот за безбедност на ОН, која од моментот кога ќе се потпише, на ниво на меѓународен правен поредок, ја надминува силата на уставниот поредок на која било земја.
Ова сценарио веќе извесен период го споменуваат грчките медиуми, како можна варијанта за надминување на различните позиции на двете земји во однос на евентуалната промена на Уставот. Грчките новинари во своите текстови ги потенцираат и средбите на претседателот Ѓорге Иванов во Анкара и на премиерот Зоран Заев во Берлин. Онлајн-изданието на весникот „Прото тема“ коментира дека со официјално најавената средба Меркел-Заев, веќе не постои сомнеж дека Берлин е дел од силните западни играчи кои не само што посакуваат решение, туку и притискаат во таа насока.
Решението треба да биде прифатено од целата меѓународна заедница и од оние земји што билатерално го користат името Македонија, порача исто така поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Боакојани во интервју за телевизијата „Скај“.
„Ние сакаме решение што ќе го прифати меѓународната заедница во целина. Ова е целта бидејќи во овој момент меѓународната заедница земјата ја нарекува Македонија. Ние сакаме едно решение што ќе ја обврзе меѓународната заедница и да ја смени одлуката за билатерално признавање и да ги нарекува со името што нема да биде иредентистичко или со барања од нашата историја, нашиот идентитет или нашата култура“, вели Бакојани.
Во однос на тоа какво би требало да биде решението, таа го повторува ставот на Нова демократија дека не смее во никој случај да има решение во етапи, туку договорот да биде пакет.