„Цивил“ : Несоодветно однесување на набљудувачи за време на гласањето


Претседателот на Здружението „Цивил – Центар за слобода“ Џабир Дерала, на пладневната прес конференција наведе дека, според извештаите што се добиени од набљудувачите на терен, забележани се нерегуларности и несоодветно однесување на некои набљудувачи за време на референдумското изјаснување до 12.00 часот.

– За прв пат гледаме една зачестена појава во која набљудувачите се однесуваат, најблаго кажано, некоректно кон гласачите, истакна Дерала.

Тој наведе дека, покрај случајот што беше објавен утрово од страна на „Цивил“ за несоодветното однесување на набљудувачот на изборно место во општина Бутел, досега се забележани уште неколку такви ситуации.

Посочи дека, според наводите од набљудувачите на „Цивил“, на Избирачкото место 2634 во основното училиште „Лазо Трповски“ во Општина Карпош не им било дозволено да гласаат на неколку граѓани бидејќи УВ ламбата не работела. Иако инсистирале да гласаат тоа не им било овозможено.

– По кратката расправија, револтираните граѓани заминале од избирачкото место без да го остварат своето право на глас. Неприфатливо е поради грешка на изборната администрација, во случајов поради неисправни УВ ламби, да им се ускратува правото на глас на граѓанките и граѓаните, нагласи Дерала.

Наведе дека во Општина Гази Баба во основното училиште „25 мај“ немало неколкумина граѓани на Избирачкиот список и покрај тоа што на минатите избори истите тие регуларно гласале на тоа избирачко место и ги имало на избирачкиот список.

– Во Чаир на Избирачкото место 2940 во ООУ „Рајко Жинзифов“ едно лице го нема на избирачкиот список, истото се случило и во Трубарево во основното училиште „Крум Тошев“ во Избирачкото место 2532, посочи Дерала, повикувајќи се на извештаите од набљудувачите на „Цивил“.

Изјави дека на истото Избирачко место, 2532 нивен набљудувач јавил дека дури и самата претседателка на избирачкиот одбор на тоа место ја нема на избирачкиот список и не може да гласа.

– Еден гласач, забележал починато лице во избирачкиот список на избирачкото место 2554/1 во училиштетото „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров. Една повозрасна граѓанка која користи ортопедско помагало за да се движи морала да пешачи стотина и повеќе метри за да пристапи до избирачкото место во училиштето „Ј.Х. Песталоци“ во општина Центар во Скопје, информираше претседателот на „Цивил“.

Изјави дека, пред гласачкото место 1518 во Радовиш во гимназијата „Коста Сусинов“ набљудувачот на „Цивил“ забележал две лица кои без легитимации и облежја стоеле, ги препознавале и ги запишувале гласачите кои доаѓале на гласање.

– Членка на избирачкиот одбор во избирачкото место 2762 во општина Кисела Вода го прочитала името на една граѓанка на глас. Кога граѓанката приговорила дека тоа не е коректно однесување, членката на избирачкиот одбор и се развикала и побарала од набљудувачката на одредена организација да се јави во ДИК и да праша дали и е дозволено да ги прозива гласачите. Од ДИК и било одговорено дека тоа не е дозволено, потенцираше Дерала.

Посочи дека набљудувачите јавиле оти на гласач на избирачкото место 2555/1 во Штип, прво му бил прснат палецот, а потоа било установено дека тој гласач не се наоѓа на избирачкиот список. Сега тој не може да гласа на друго избирачко место, сеедно дали го има на избирачкиот список или не.

– Тоа што се случило во Штип и се случило и на една граѓанка во училиштетото „Братство“ во Тафталиџе 2 Избирачко место 2614, истакна Дерала.

Изјави дека набљудувач од одредена организација на Избирачкото место 635 во Општина Демир Хисар седи во моментов со список пред Избирачкото место и ги евидентира гласачите. Тој, како што јавиле набљудивачите, исто така, ги пресретнува гласачите и ги прашува дали и како гласале. На самото место е присутен и полицаец кој не реагира на таквото однесување. „Цивил“ има податоци за набљудувачот.

– Слична ситуација има и во гимназијата „Коста Сусинов“ во општина Радовиш каде пред Избирачкото место 1580 стојат две лица без никакви ознаки и ги запишуваат гласачите, посочи Дерала.

Информираше дека хрватскиот јутјуб канал „логично“ има една прилично нелогична пракса во овој момент, впрочем станува збор за пренос во живо на избирачко место во Струмица со коментар што претставува пропаганда и кршење на изборниот молк.

– Во Избирачкото место 2843 во општина Центар набљудувач на одредена организација гласно ја искоментирал високата излезеност во одредена општина со зборовите „таму сите се комуњари“, истакна Дерала, повикувајќи се на извештаите на набљудувачите на „Цивил“.

Тој истакна дека во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода на Избирачкото место 2740, членовите на избирачкиот одобор се без легитимација и не се придржуваат до процедурите за гласање.