Централното греење ќе се враќа во државна сопственост?


Една од мерките за намалување на загадувањето во Скопје е системот за централно греење, со кое сега управува компанијата „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) да се врати во државна сопственост, информираа скопскиот градоначалник Петре Шилегов и заменикот во Министерството за екологија, Јани Макрадули. Сепак, ова е само идеја што се разгледува во Владата.

Инаку, според податоците од БЕГ, во системот во моментов има вкупно 62.175 корисници на парно греење, од кои активни се 49.202, а вкупно 12.973 се исклучени од системот.
Во 2017 година се приклучиле кон системот вкупно 2.350 корисници, од кои само 868 се нови, а 1.482 се постоечки кои претходно биле исклучени од системот за централно греење.

Компанијата БЕГ е формирана од две фирми, секоја со влог од по 25.000 евра. Едната е „Кордикор“ со седиште на Кипар, а втората е „Битер холдинг“ регистрирана на островот Џерси. Тие се фирми на „ТГК 2“, во кои управувачки пакет има фирмата „Синтез“ на рускиот тајкун Леонид Лебедев.
БЕГ АД е регистрирана во јуни 2012 година, додека „Балкан енерџи груп“ ДООЕЛ – ќерка фирма на БЕГ АД, е регистрирана на 27 ноември 2012 година. Лиценците за работа ги доби само еден месец подоцна, на 30 декември 2012 година. Претходно, од бизнисот со снабдување со топлинска енергија се откажа компанијата „Топлификација“ тврдејќи дека работи со загуба.

„Балкан енерџи“ ДООЕЛ почна со испорака на топлинска енергија на први јануари 2013 година.