Целосна делегитимизација на власта


Здравко Савески

Тешко дека власта можеше повеќе да се избламира од она што го направи со серијата потези на крајот од минатата година. Амнестирање, шурување со градежната мафија, привилегии за себе, удари по сиромаштијата! Што ли не видовме? Со овие постапки, власта ги изгуби и последните остатоци од својот легитимитет. Останаа да ја бранат само партиските војници, со или без книшки, функционерите и „експертите“ кои имаат лична корист од тоа. На сите други им стана кристално јасно дека се подготвени да направат сè за да останат на власт, за да исцедат што повеќе пари за себе, за да ги уживаат привилегиите што ги дава власта. Ова е целосно бескрупулозна, непринципиелна, некадарна власт која со последните свои потези изврши своја целосна делегитимизација во очите на граѓаните.

Провладините полтрони во своите очајни обиди да спасат барем дел од угледот на власта се обидуваат да ја протнат тезата дека преголеми биле очекувањата од сегашната власт и дека затоа таа разочарала. Не, напротив. Не очекуваа луѓето дека ќе потече мед и млеко, не очекуваа ниту поголем исчекор во животниот стандард. Очекуваа и бараа само да се прекине со практиките на владеење карактеристични за минатата власт, да се врати демократијата и владеењето на правото, да престане вработувањето на партиски војници, да престане шпионирањето по социјалните мрежи кој лајкнал чиј статус. И оние што извршија криминал да ги вратат парите и да завршат зад решетки. Дали се ова големи очекувања? Ова е најосновен минимум што се бара од секоја власт во една колку-толку демократска држава! Ова ли се барања кои сегашната власт не може да ги испорача? Зошто? Зашто барањата се „превисоки“ или зашто нема волја тоа да го направи? Најголем број гласови на изборите 2016 година СДСМ доби за да расчисти со криминалот на Груевски и неговата клика. Колку само се јачеа дека така ќе постапат! А сега? Амнестии! Се помирувале, им простувале! Само за да ги истераат уставните измени и да му овозможат на својот странски спонзор преку напикување на Македонија во НАТО да ги оствари своите геостратегиски планови! Се знаеше уште од почетокот. Дека нема да дозволат ниту една правна норма да им застане на патот! Дека се подготвени на секаков политички дил за да си ја исполнат задачата! И… така постапија!

Мукоски, Канческа, Мијалков, Груевски! Никој од нив нема да заврши во затвор! Никој од нив нема да ги врати парите! Вие што протестиравте со денови, вие што мислевте дека Заев заслужува доверба, вие што гласавте за нив за да видите дека правдата ќе биде задоволена – сега власта вам ви го покажа средниот прст! Вашето си го завршивте! Гласавте за нив. Ним толку им беше доволно. Следниот пат кога ќе излегувате на гласање повторно гласајте си за „помалото зло“ и повторно игнорирајте ја лекцијата дека оној што избира помало зло, избира – зло!

Какво потчинување на судската власт извршија! Во најлошите денови на Груевски не бевме сведоци на толку отворено ставање на обвинителството и судството во служба на извршната власт! Што ѝ е потребно на власта, обвинителите и судиите испорачуваат! Независност на судската власт? Што ли беше тоа? Можеби најодбивно е да се гледа како Специјалното јавно обвинителство игра како што му свири власта. Најодбивно зашто тоа беше формирано за да раскрсти со криминалите на власта, зашто земаат огромни плати (за џабе), зашто луѓе протестираа за да го одбранат СЈО и тоа по ризик од лични последици за себе. И сега? Среден прст и од СЈО! Кркаме дебели плати, гајле немаме што нè инструментализира власта!

Ами, упадот во Кривичниот законик? Ублажуваат казни за да се извлечат сторители на кривични дела, за пратеници да им ги гласаат уставните измени. Притоа, утврдуваат полесни казни за злоупотреби на тендери, се обидуваат на секаков начин да ја ублажат казната за злоупотреба на службена должност. Дали смее правото да се крои за потребите на конкретни лица во една земја што милува да тврди дека е демократска? Дали со ублажувањето на казните за злоупотреба на тендери и службена должност, СДСМ не си ја олеснува работата и околу сопствените случаи на злоупотреба на власта? Па, со еден удар фактички да убива два зајаци?

Со градежната мафија и тоа со онаа поврзана со Мијалков – распродадоа државно земјиште. И тоа не кое било! Државно земјиште до Градскиот трговски центар во Скопје кое уште Груевски го намерачи, но немаше храброст или време да го продаде. За висококатници да никнат, од нигде никаде, огрдувајќи го уште повеќе градот, влошувајќи ја уште повеќе ситуацијата со загадувањето! А зошто? Газдите да вртат екстрапрофити, на политичарите да им капне некоја пара! Министерството за транспорт и врски немало законска можност да не го продаде државното земјиште. Така се обидуваат да се извадат. Ами, зошто не го променивте законот кога е на штета на јавниот интерес? Веќе една и пол година сте на власт. Имавте сосема доволно време тоа да го направите. Не го направивте тоа поради немање политичка волја, па дури и само поради незнаење или немарност? Е тогаш, министерот за транспорт и врски е должен да си поднесе оставка!

А што да кажеме за дополнителните привилегии што си ги овозможија властодршците, или се во процес тоа да го направат? Да не верува човек! Сакале пратениците гарантирано вработување по завршувањето на мандатот. Премногу бурно реагира јавноста, па можеби ќе се откажат од намерата (засега). Патните трошоци не ги укинаа. Л-апанажата не ја укинаа. Ама, затоа ќе воведат заменици директори на јавните претпријатија за дополнителен број партиски војници да кркаат високи плати! И најбезобразното од сè: им ги зголемија платите на вицепремиерите!

Ниски им беа платите за да им ги зголемат? Квалитетно работеа, па тоа го заслужија? Хазби Лика со месеци не се појавуваше на работа. Останатите смртници три дена неоправдано да отсуствуваат од работа, добиваат отказ. А тој доби – зголемување на платата. Оливер Спасовски има највисока плата во владата. Се зголеми криминалот во земјата, Груевски избега, ама тој не размислува за поднесување оставка. Бидејќи размислувал за зголемувањето на својата плата! Јадат и пијат на државна сметка, патуваат на државна сметка, разговараат на мобилен на државна сметка, земаат високи плати и – петпарачки заплакаа поради малото ограничување на нивните плати што го изврши Левица преку претставка до Уставниот суд.

Кое исмејување во лице е тоа за сиромашните граѓани кои се мачат да врзат крај со крај во месецот! Додека власта коваше стратегија како да им ги зголеми платите на своите вицепремиери, истовремено утврди дека е спорно пензионери, социјалци, стечајци и хонорарци преку продавање на пазар да го крпат животот. За неа нема спорно што во управните одбори остваруваат дополнителни приходи нејзини партиски пензионери. Не е спорно ниту тоа исти лица да членуваат во повеќе управни одбори и така да кркаат дополнителни приходи. Спорно е сиромашни пензионери чесно да заработат некоја паричка плус, сигурно во износ помал од зголемувањето на платите на вицепремиерите!

Сето ова е крајно безобразно! И властодршците тоа го знаат. Но, бесрамно така постапуваат, зашто знаат дека правилата на игра се променети. Ако ја исполнат задачата преку уставните измени да овозможат напикување на Македонија во НАТО, веќе нема да биде важно дали те поддржува народот или не. Важно ќе биде да те поддржува империјалниот господар. Сè додека е така, можеш да си владееш без разлика колку народот е незадоволен. Македонија не е на патот да стане европска земја. На патот е да стане полузависна азиско-африканска земја, каде друг, од надвор, кажува кој ќе владее и ќе го цица народот.