Царовска: Одлуката на Судот за укинување на нормираниот учинок ќе се почитува


Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по одлуката на Уставниот суд за укинување на одредбите за нормиран учинок при исплатата на минималната плата рече дека одлуките на судот не треба да се коментираат, туку да се почитуваат.

– Не би коментирала одлука на Суд. Таа се почитува таква каква што е донесена. Одлуката е во прилог на работниците. Имаше дебата и пред донесување на законот за минимална плата преку социјален дијалог на работодавачите и синдикатите. Седевме на маса и дискутиравме дали овој учинок да се остави или да се исклучи. Нормираниот учинок во претходниот закон беше во еден член, ние го дополнивме, додадовме уште три става во кои се образложува како ќе се проценува тој норминиран учинок. Сега Уставниот суд го укина тој член. Минималната плата треба да важи за сите работници и навистина очекувам дека таа ќе се практикува како таква, рече министерката Царовска во емисијата Топ тема на Телма.

Таа говореше и за реформте во системот за социјална заштита што се во подготовка и истакна дека тој ќе биде поконкретен, појасен, но и оти преку него ќе се направи обид за зголемување на вработливоста на долгорочно невработените лица.

– Во моментов огромна е сумата на пари што се трошат на социјални трансфери, но се растргнати на сите страни. Луѓето не знаат што од правата им следува. Токму затоа ние главно ги групираме правата и добиваме минимален гарантиран приход што е утврден на 11.500 денари согласно последната проекција. Тоа е само трансферот  што се однесува на економска немоќ. Значи ако семејството што е четиричлено, има две деца вклучени во образование, а ќе се најде во економска немаштија и како семејство нема други приходи, во тој момент државата ја исплаќа оваа сума, појасни Царовска.

Но, додаде, работоспособните членови во семејството треба да бидат вклучени во преквалификација, доквалификација и подоцна да бидат вработени. Во нив, според Царовска, дополнително ќе се инвестира преку оперативните програми за вработување.

– Овој минимален адекватен приход ќе носи посебен оперативен план за вработување на тешко вработливи. Секое лице кое е работоспособно и е во оваа шема што ја создава Министерството за труд ќе треба да биде активирано на пазарот на труд. Ние очекуваме дека 20 проценти од вкупниот број ќе останат како корисници на социјална парична помош, а останатите би можеле да бидат вработени, рече Царовска.

Дополнителните додатоци за попреченост, нега и посебниот додаток ќе бидат дополнително исплаќани ако во семејството има таков член.

–  Тие се добиваат дури ако семејството има финансиски средства заради тоа што државата компензира за одреден проблем со кој се соочува член на семејството, рече министерката за труд и социјална политика Царовска.