Царовска: Девојчето од домот „25 Мај“ е можна жртва на трговија со луѓе


Комисија на Министерството за труд и социјална политика ќе го испита случајот за 13-годишното девојче, за кое невладината Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека завчера било подложено на абортус откако забременила по сексуално злоставување како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 мај“.

Министерката Мила Царовска вели дека не е точно оти девојчето било злоупотребено додека било во „25 мај“.

-Институцијата во која е сместено е од отворен тип и не може да ѝ се забрани да излезе. Според информациите што ние ги имаме не станува збор за силување, туку за сексуална експлоатација, од надворешно лице. За ова девојче повеќепати интервенирало и Министерството за внатрешни работи, а за секое исчезнување од институцијата во која е згрижено, во рок од 24 часа е пријавено во МВР и е барано со потерница – рече Царовска на денешниот брифинг со новинарите.

Девојчето потекнува од дисфункционално семејство. Било одземено од родителите во 2011 година затоа што ја терале да питачи. Потоа ѝ и одреден   старател од Центарот за социјални работи – Скопје.

– Другите дечиња од ова семејство починале од злоупотреба на дроги. Во период од 2011 година до 2016 година имало обиди девојчето да се смести во пет згрижувачки семејства, но не успеало да се прилагоди и потоа е сместено во „25 мај“. Од досието кое е водено во Центарот за социјални работи се гледа дека за ова дете повеќе пати постапувала полицијата. Во изјавите кои ги дало девојчето во секој од случаите кога интервенирала полицијата е дека имала сексуални односи, но еднаш се дека таа сама сакала, потоа дека не се согласила на односи и во случајов во август лани е третирана како жртва на сексуална експлоатација и сместена е во шелтер центарот за жртви на трговија со луѓе. Нашите сомневања се дека и овој пат се работи за тоа – вели Царовска.

Во првиот случај институциите не успеале да докажат дека се работи за сексуална експлоатација и да ги најдат сторителите. Во недостиг на докази, девојчето повторно е вратено во „25 мај“. Сега е сместена во шелтер центарот.

Царовска најави дека ако комисијата на МТСП утврди грешка во работата социјалниот работник, кој го водел случајот на девојчето, Министерството ќе покрене дисциплинска постапка и прекршочна пријава и против социјалниот работник и против раководителот на Центарот за социјални работи.

Што утрово за Независен весник рекоа од Домот „25 мај“, можете да прочитате овде.