Царината тврди дека не вработува предизборно


Администрацијата може да расте ако во планот за вработувања за годинава институциите предвиделе нови работни места, се правдаа вчера од Владата за големиот број огласи за вработување на нови службеници чија бројка надмина триста.

„Ако со посебен план за вработување за 2019 година е предвидено ново работно место во одредена институција, ние во моментов не можеме да кажеме која е таа институција, ќе има ново вработување“, изјави вчера владиниот портпарол Муамет Хоџа објаснувајќи дека таа институцијата треба за секое вработување да има согласност од Министерството за финансии и од Секретаријатот за рамковен договор.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, воопшто нема да се зголемува бројката на административци вработени на неопределено време.

„Бројката на вработени на неопределено време не е зголемена од мај лани“, изјави Тевдовски. Но Царинската управа се снаоѓа така што вработува нови кадри на определено време.

„Во моментот во Царинската управа нема вработени на определено време“, објаснуваат од Царината. Со последниот оглас од управата побараа 78 извршители на определено време до крајот на годинава, правдајќи го тоа со зголемен обем на работа. Лани во октомври Царината имаше оглас за 58 вработувања на определено време до крајот на 2018 година.

„Привремено зголемениот обем на работа се должи на активностите кои ги презема Царинската управа со донесениот стратегиски план, чиј составен дел е и акциски план на Царинската управа на Република Македонија за период 2018-2020 година“, велат од Царината.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека Владата интензивно вработува во администрацијата како дел од предизборен поткуп за гласови во пресрет на претседателските избори.

„Нема нови работни места, односно истите се предвидени со правилникот за систематизација на работни места во Царинска управа. Во изминатиот период во Царинската управа континуирано се намалува бројот на вработени од причина што од 2015 година не се реализирани нови вработувања. Имено, до крајот на 2016 година во Царинска управа биле вработени вкупно 1.132 вработени, во 2017 вработени се 1.110, додека до ноември 2018 година бројот на вработени изнесуваше 1.076“, изјавија од Царинската управа додавајќи дека согласно позитивните законски одредби и во изборните процеси што се спроведуваат во Македонија започнатите постапки се стопираат и не се објавуваат нови.

Министерот задолжен за администрација Дамјан Манчевски неодамна потврди дека администрацијата не се зголемува туку почнувајќи од 2017 се намалува и таа тенденција продолжува. На крајот од 2018 година завршиле 1.725 договори на определено време и сега зголемениот број се должи на обновување на договорите.