Харадинај: Не брзаме многу со формирањето на војската на Косово
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по денешната седница на Владата, изјави дека „нема голема итаница“ за формирање на војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај нагласи дека законите за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово се доставени до Собранието и ќе се следат предвидените процедури.
– Во врска со законите, тие се во собраниските комисии. Тоа се редовни процедури. Не се брзаме. Ќе ги поминат процедурите во прво, второ и трето читање, се додека да им дојде редот за гласање, изјави Харадинај.
Косовскиот премиер истакна и дека членот на неговиот Кабинет, Абељард Тахири од редовите на Демократската партија на Косово (ПДК), кој вчера понуди оставка и натаму е министер за правда, иако не присуствуваше на денешната владина седница.
– Абељард се уште е министер. Се уште не е конечна неговата оставка. Како што ќе одлучи ПДК, така ќе биде. Абељард е почитуван министер во Владата. За други имиња не знам. Право на ПДК е да прави освежувања во своите редови, изјави Харадинај, нагласувајќи дека „министрите се политички именувани, односно ги именуваат политичките партии“.
Харадинај додаде и дека не добил оставка од Тахири.
Претходно во текот на денот, лидерот на ПДК и претседател на Собранието на Косово, Кадри Весели порача дека за смените на министрите од редовите на неговата партија нема да одлучува никој друг освен него и ПДК.
Медиумите шпекулираат дека Весели, со притисокот врз Тахири и неговото евентуално разрешување, има намера да се ослободи од кадрите во сопствената партија кои се под силно влијание на основачот на ПДК и претседател на Косово, Хашим Тачи.