Харадинај на средбата со Хан: Се надевавме на добри вести за визната либерализација


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го пречека попладнево еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој престојува во Приштина на средба со државниот врв, со зборовите „се надевавме дека доаѓате со добри вести за визната либерализација за Косово во пресрет на Божик“.

Харадинај, на влегување со гостинот од Брисел во неговиот кабинет во Владата на Косово, рече дека, „како и да е, Косово е фокусирано на европската агенда“.

По оваа изјава на косовскиот премиер, состанокот продолжи зад затворени врати.

Еврокомесарот Хан допатува попладнево во Приштина на разговори со државниот врв во врска со воведената такса од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.

Претходно денеска Хан го посети Белград, каде на истата тема разговараше со претседателот на Србија Александар Вучиќ, по што најави дека ќе бара од Приштина итно укинување на спорната такса.