Хакирана вебстраницата на Канал 103, осамна грчка порака


Вебстраницата на независното музичко радио од Скопје, Канал 103, денеска е хакирана од извесна грчка заедница која се нарекува „Црни шапки“ (Black Hat). Популарно кажано, тие успеале да ја хакнат интернет страницата www.kanal103.com.mk и на истата оставиле порака во која велат:

„Ние сме заедницата „ЦрнаШапка“. Нашите постапки се против нациите кои ја користат својата „моќ“ за лоши работи.“

За хакирањето на страницата тие известија и на нивниот твитер профил, а на истиот може да се забележат споделувања од хакирани турски сајтови од нивна страница.

Денеска, во Атина ќе се одржи долгонајавуваниот протест за терминот „Македонија“.

„Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видеоповикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од завчера започнаа со подготовките на Синтагма.

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани.

На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контрапротест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12 часот, два часа порано од оној за „Македонија“.

Двата протеста, според медиумите, го вклучија алармот во грчката полиција. Постои страв, загриженост, но и зголемена раздвиженост кај полицијата за да се избегнат евентуални инциденти.