Фудбал


ЛЕЈЛА САБИТ

Моќен како политичар.

Атрактивен како мис.

Полн со пари како милионер.

Се обложувате на него како во казино во Лас Вегас.

Забавен е, страствен, спортски граден, следи мода, најплатен во светот, има статус на ѕвезда, славен е, го сакаат манекенки, има смисла за бизнис, брзо се збогатува, а рано се пензионира.

Престиж е во кој клуб игра, во која реклама се појавува, во каква куќа живее, каква кола вози, дали е женет, ерген или разведен, дали го има на листата на „Форбс“ , дали е мангуп или џентлемен, мирен или кавгаџија.

Махер е со топка и со жени. Да ги брка по цел терен, да ги шутира или дрибла.

Или го сакате или го мразите, или го гледате или за него навивате, или му аплаудирате или го пцуете.

Го знаете како победник ама може да излезе губитник.

Го славите со пиво, мезе и во друштво, ама некогаш во негова чест отварате шампањско и дегустирате кавијар.

Ви предизвикува еуфорија, хистерија, ви измамува насмевка или солзи, среќа или тага.

Кога не можете да го победите, му се придружувате.

Неговото величество –фудбалот.

Во тек е Европското фудбалско првенство.

Еден месец рај за мажите и спонзорите, а пекол за жените и коцкарите.

За кого ќе навивате, а?