Фудбал, У19: Македонија поразена од Унгарија
Репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години денеска доживеа пораз од Унгарија со 3:4 (2:2) во вториот меч од елитните квалификации на УЕФА. По овој пораз, „црвено-жолтите“ ги загубија сите шанси за пласман на ЕП за младинци.
Унгарците поведоа со голот на Мочи уште во 4. минута, а избраниците на Вујадин Станојковиќ израмнија со голот на Колевски во 12. минута.
Унгарија повторно дојде до водство во 36. минута со голот на Шон, но Митровски израмни со погодок во судиското продолжение.
Македонија поведе во 64. минута со вториот гол на Колевски. Унгарците израмнија од пенал во 67. минута преку Листјик, а целосниот пресврт дојде во 82. минута кога Беварди го оформи конечниот резултат.
Македонските репрезентативци до крајот не реализираа уште неколку одлични шанси.
По ова коло, Англија е прва во нашата група со 6 бода, Летонија и Унгарија имаат по 3, а Македонија е без бод.
Во последното коло во вторник, Македонија игра со Англија на тренинг-центарот „Петар Милошевски“, а Летонија и Унгарија ќе играат на „Филип Втори“.
Мечевите почнуваат во 14 часот.