(ФОТО) Уживање со „Квин“ и „Битлси“: Скопскиот брас-квинтет распродаде три концерти
Безвремените хитови на „Квин“ и „Битлси“ три вечери по ред одекнуваа во камерната сала на Македонската филхармонија.
Во изведба на Скопскиот брас-квинтет имавме прилика во поинаков аранжман да ги слушнеме нумерите „Bohemian Rhapsody“, „Imagine“, „Hey Jude“, „I Want Hold Your Hand“, „Yesterday“, „She Loves You“, „Somebody to Love“, „Help“.
Камерната сала во Македонската филхармонија беше исполнета до последно место, три вечери по ред.
Влезница плус се бараше уште на самиот почеток кога беше најавен само еден концерт за 7 февруари, но набрзо менаџментот одлучи да имауште еден концерт, а на барање на публиката, се случи и трет.
Ова е доволен доказ дека македонската публика е желна за вакви музички претстави, а громогласните аплаузи и пеењето на песните низ насмевки уште повеќе зборуваат за одлично завршената работа на музичарите.
Членови на квинтетот се Александар Илијевски и Вилијам Бараковски (труби), Благоја Василевски (хорна), Никола Ристевски (тромбон) и Александар Ниниќ (туба), а гостуваше и извонредната Мартина Баракоска на тапани.
Скопскиот брас-квинтет е формиран во 2016 година. Има широк репертоар и различни стилови и жанрови. Досегашните настапи на овој состав не биле од концертен карактер, овој концерт отвора ново поглавје во нивната кариера.
Не случајно изборот се композиции од „Битлси“ и „Квин“, за да се слушне и една поинаква страна на лимените дувачки инструменти, надвор од класичниот музички репертоар.
Членовите на Скопскиот брас-квинтет се редовни членови во Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг-бендот на МРТВ и Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија.
Ивана Настеска
фото: Борис Грданоски