(ФОТО) По две децении Филхармонија доби ново концертно пијано „Стенвеј“
Македонската филхармонија доби ново концертно пијано „Стенвеј“, донација од една од водечките европски компании во областа на градежништвото „Штрабаг“.
Концертното пијано денеска беше презентирано од страна на македонскиот млад и талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој ја изведе Токатата од македонскиот композитор Властимир Николовски.
Македонската филхармонија, пред оваа донација, поседуваше само едно концертно пијано, исто така од марката „Стенвеј“, кое оваа институција го доби во 1992 година од страна на тогашното ПТТ Македонија како донација. Од тогаш поминаа повеќе од две децении и токму во моментов, кога првата музичка институција во земјава доби нов концертен храм, се почувствува огромната потреба и од ново концертно пијано на кое без никакви технички пречки ќе можат да свират славните пијанисти кои настапуваат на подиумот на Македонската филхармонија.
– Би сакал да се заблагодарам на компанијата ‘Штрабаг’ за оваа вредна донација од речиси 160.000 илјади евра, резултат на меѓусебното почитување и исклучително коректен и професионален однос – рече министерот Роберт Алаѓозовски. „Во изминатите месеци интензивно контактиравме, барајќи начин за решавање на непријатностите создадени од најголемиот долг што го остави претходната власт, оној за изведба на објектот на Македонската филхармонија, кој освен тоа, ни беше оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење и со други големи проблеми. Успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата ‘Штрабаг’, на обострано задоволство, договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета по буџетот на граѓаните.
Директорот на Филхармонија Виктор Илиевски рече дека концертното пијано својата официјална промоција ќе ја има на 10 мај со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин.
– Со новата зграда, со новото концертно пијано, Македонската филхармонија живее нов живот, следи успешни настани кои заслужуваат да бидат реализирани во овој дом. Ова е голем чекор за нас кој ќе остави силен печат во македонската култура воопшто – истакна Илиески.
Инаку, освен оваа донација, компанијата „Штрабаг“ во текот на годинава ќе обезбеди и едно врвно гостување – австрискиот диригент Густав Кун, кој ќе диригира со оркестарот на Македонската филхармонија на 18 октомври 2018, со изведба на грандиозната Бетовенова Деветта.
– Со оваа донација сакаме да придонесеме за успешен концертен живот на оваа институција и веруваме дека ќе успееме да бидеме пример и за тоа како треба да работат останатите компании – рече Горанчо Аговски од „Штрабаг“.