(ФОТО) Започна годината на танцот: Стоечки аплаузи за кинеската претстава „Фен Мо“


Пекиншката танцова академија вчеравечер гостуваше во Скопје со претставата „Фен Мо“ како означување на почетокот од низата настани кои ќе следуваат годинава од областа на танцот. Пекиншката акдаменија во моментов се на европска турнеја, а во рамките на истата настапија и во Велес и во Скопје. Претстваата се реализираше од културниот центар „Интерарт“ и амбасадата на Кина во Македонија.

Годинава Танц фест Скопје годинава одбележува 14 години постоење, па затоа преку текот на целата година ќе ја одбележува годишнината.

Претставата „Фен Мо“, која се одигра на сцената на Македонскиот народен театар, е инспирирана од поговорката од книгата „Записи за сликарството од сите династии“ од Јан Јуан Занг од Танг династијата: „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“.

Приказната раскажана низ пет сцени со повеќе од 30 танчари на сцена ја оживува естетската форма на кинесткото сликарство. Начинот на кој што мастилото се соединува со оризовата хартија, а воедно и неговото разградување во различни нијанси на светло и темно, мокро или суво, пригушено и интензивно, е ист со движењето на телото на танчерот: вдишувањето и издишувањето, во движење или мирно, брзо или споро, качувајќи се или паѓајќи.

Во кореографијата се користат традиционални кинески елементи, како „здив“, „штаки“, „коса“, „ракави“, „меч“, „лепеза“, „чадор“ и „фустан“ за да се пренесат чувства на пријателство, тага, огорченост, навреденост, извонредност, опуштеност и љубов во кинескиот спиритуален свет, во кои е содржана есенцијата на кинеската класичност.

На овој прв настан од одбележувањето на Годината на танцот присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов и сопругата Маја, министерот и заменик министерот за култура Роберт Алаѓозовски односно Владимир Лазовски, советничката за култура на премиерот Зоран Заев, Цветанка Ласкова во друштво со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

 

И.Н. 

фото: Борис Грданоски