Фондот за иновации ќе дава пари откако ќе процени ризик


Фондот за иновации во иднина ќе доделува пари само на фирми коишто ќе  го поминат протоколот за проценка на ризик. На усвојување на новиот протокол чекаат и четирите компании кои аплицираа за помош а во чија сопственичка структура има и владини функционери.

„Во моментов се работи на посебен протокол како системско решение што ќе овозможи да се справуваме со такви ризици и сега и во иднина. Не сакам одлучувањето да биде врз основа на нечија лична проценка, туку мора да постои реална проценка на ризикот. Протоколот ќе го искористиме и за овие четири компании, но и за сите следни ситуации со кои може да се соочиме. Целта е, не со ад-хок, туку со системски решенија да се справуваме со овие ризици понатаму“, објасни директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Депостовски.

Четирите компании се „Декодикс“, во која меѓу сопствениците е Христина Керкез, роднина на советничката на премиерот, Цветанка Ласкова, потоа „Т-Сенс консалтинг“ каде малцински содружник е Мерита Адеми, член на семејство на министерот за култура Асаф Адеми, „Микросам“ Прилеп чиј акционер е поранешниот министер Веле Самак, како и „Контура“, каде сопственик е Елена Донева, член на семејството на екс-амбасадорот Јован Донев.

Парите што требаше да ги земат овие компании, со кои не се потпишани ниту договори, ќе бидат доделени на други што аплицирале во рамки на првиот повик, рече Депостовски.

Фондот подготвува втор бран финансиски договори за кој се очекуваат дополнителни средства од Владата, со ребалансот на Буџетот.

„Подготвуваме нови повици, имаме обезбедено средства од Светска банка. Сметам дека во наредните неколку недели ќе излеземе со нов повик за старт-ап компании. До крајот на годината имаме на располагање околу 3,5 милиони евра, информираше директорот.

Со ребалансот на Буџетот ќе се поддржат компаниите што беа успешни на првиот повик, но поради исцрпување на средствата, големиот интерес и квалитетните проекти, не успеаја да потпишат договори.