Фондот за иновации има нов повик, но и нови филтри за компаниите


Компаниите кои сакаат да добијат пари од Фондот за иновации и технолошки развој ќе треба да поминат низ филтер дали дотогаш користеле средства од јавни фондови и што тоа значи од аспект на нивните вкупни приходи. ФИТР ќе проценува дали пријавената компанија постои само за да користи јавни фондови или станува збор за исклучок.

Фондот денеска објави дека во наредните 50 дена ќе можат да аплицираат во Фондот за иновации и технолошки развој за добивање средства од првиот јавен повик за старт-ап и спин-оф компании во вкупен износ од еден милион евра што се реализира во соработка со Светска банка.

На повикот компаниите ќе можат да добијат до 30.000 евра за поттикнување на активностите за истражување и развој, како и за иновациска дејност за развој на нов производ, решение, услуга или процес, при што треба да имаат сопствено кофинансирање од 15 отсто. Средствата ќе се добиваат квартално, а право на учество имаат компаниите што не се постари од шест години, немаат повеќе од 250 вработени и не остваруваат годишен приход поголем од еден милион евра.

Иако, според најавите, во фокусот се младите луѓе, на огласот можат да аплицираат компании што не се постари од шест години, без разлика на возраста на сопственикот. Финасираните проекти од било која област нема да може да бидат подолги од 12 месеци. Нема да може да се добијат средства за производ, услуга или процес што се веќе пласирани  на пазарот и за кои се остваруваат или не се остваруваат приходи, ако при тоа не се предлага некое значително подобрување и промена или развој на сосема нов производ и услуга.

Директорот на ФИТР Јован Деспотовски нагласи дека при аплицирањето компаниите ќе треба да достават и изјава за сопственичката структура, односно дека немаат носител на јавна функција во сопственичката структура.

„За компаниите кои ќе декларираат дека имаат носител на јавна функција или член на потесно семејство во својата сопственичка структура изготвуваме протокол за проценка на ризик што јавно ќе го презентираме на 1 ноември годинава и ќе го ставиме одреден период да биде достапен до стручната јавност за коментари за подобрување. За таквата компанија ќе биде подготвена посебна анализа на ризик со која понатаму ќе се прави процесот на евалуација. По истиот протокол ќе се процесуираат и четирите компании кои декларираа дека имаат носител на јавна функција или член на потесно семејство во својата сопственичка структура и кои очекуваат одлука од Комитетот за минатиот повик, рече Деспотовски.