„Фолк Фест Валандово“ повторно ќе се одржува во мај
Новото издание на „Фолк Фест Валандово“ ќе се одржи на 24 и 25 мај годинава, соопшти градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов на денешната прес-конференција.
– „Фолк Фест Валандово“, опстојува повеќе од три децении и претставува еден од најзначајните фестивали за фолк музика на Балканскиот Полуостров. Почетоците на фестивалот се од 1985 година. Досега на фестивалот имаат настапено најголемите македонски и балкански звезди од фолк музиката, а исто така се имаат испеано и најголемиот дел од македонските фолк хитови, рече градоначалникот Костадинов.
Поради вредносното значење на “Фолк Фест Валандово“, за македонската култура, како и поради неговото долгогодишно обезличување, одлучено е оваа година да се формира програмски совет кој ќе раководи со фестивалот и кој ќе биде составен од врвни професионалци од музичката фела. Членови на Советот се професорот Живојин Глишиќ, пејачот Ефто Пупиновски, композиторот Методија Антовски и културниот работник Ѓоко Павлов.
Конкурсот за новокомпонирани композиции е продолжен денес и ќе биде отворен до 28 февруари.
Медиумски партнер на фестивалот како и досега ќе биде МРТВ