Фирмата на Мукоски и кога ја истражуваат, добива тендери


Фирмата „Атриум“, чиј управител е Бобан Мукоски, брат на пратеникот Крсто Мукоски, го добила тендерот за тековно и инвестициско одржување на објектите со кои стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Република Македонија. На електронскиот систем за јавни набавки, Друштвото известило дека склучило договор за јавна набавка со вевчанската фирма, чија вкупна вредност ќе се утврди врз основа на реално изведени позиции и количини, но нема да биде повеќе од 579 илјади евра без ДДВ. Нема да има авансно плаќање, стои во потпишаниот договор, а извршителот се обврзува да работи по претходно добиен писмен налог од нарачувачот – АД за стопанисување со станбен и деловен простор. Договорот се склучува за рок од една година.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, е еден од обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, лани најави дека со фирмата „Атриум“ се поврзани скандалозни тендери. До МВР било доставено барање да се испитаат штетните договори со кои е оштетен државниот буџет. Токму ова АД за изградба и стопанисување со станбен деловен простор, во периодот од 2012 до 2017 склучувало договори со „Атриум“, кои тежат неколку милиони евра и за кои Рашковски побара да се преиспитаат.

Официјално, од државното акционерско друштво, велат дека постапката е законска.

„Во врска со реакциите во јавноста во однос на изборот на фирмата ‘Атриум’ за потребите на тековно и инвестициско одржување на објектите на АДСДП, должни сме да посочиме дека во целата постапка доследно и во целост е испочитувана постоечката законска регулатива. Фирмата е избрана во транспарентна постапка, согласно Законот за јавни набавки. Според критериумите во тендерската документација и огласот за јавна набавка, понуди поднесоа четири економски оператори. На евалуацијата спроведената од страна на Комисијата за јавни набавки беше утврдено дека прифатливи понуди имаат двајца понудувачи кои беа поканети да учествуваат на електронска аукција. Со оглед дека критериум за доделување договор за јавна набавка е најниска цена, по спроведената електронска аукција, најниската понудена цена беше од фирмата ‘Атриум’“, ни одговорија од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Оттаму објаснуваат дека нема законска прeчка за склучување на договор со вевчанската компанија.

„Претходното работење на ‘Атриум’ и извршувањето на неговите договорни обврски со АДСДП е предмет на предистражни дејства на надлежни државни институции. До овој момент нема законска пречка оваа фирма да учествува на тендери за јавни набавки. Секое постапување спротивно на важечката законска регулатива, односно евентуално отфрлање понуда без законска основа, е спротивно на законот за јавни набавки и повлекува санкции“, изјавија од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.

Анита Салтировска