Финските бизнисмени сакаат македонски партнери


Македонија сака да ја интензивира економската соработка со Финска, особено во ИКТ-индустријата, прехранбената, металната индустрија и животната средина. Во моментов трговската размена меѓу двете земји изнесува 12 милиони евра, а финските компании се особено заинтересирани за македонските текстилни производи и за индустријата за пластика.

Бизнисмени од двете држави се сретнаа вчера во Скопје на бизнис-форум организиран од Стопанската комора на Македонија за да ги разгледаат опциите за идна соработка. Заклучија дека економската соработка не е на задоволително ниво, иако постојат можности за интензивирање. На форумот беше презентирана бизнис-климата во Финска, како и можностите за соработка со фински компании што го познаваат македонскиот пазар и бараат деловни партнери во Македонија.

Беше посочено дека вкупната трговска размена меѓу двете земји е со релативно мал обем и во периодот од 2015 до 2017 година се движи меѓу 9,1 и 16,8 милиони евра, додека кај инвестициите, во периодот од 1997 до 2017 година, е регистриран прилив од Финска во износ од 1,4 милион евра. Во првата половина на годината пораснал бројот на фински туристи во Македонија за 48 отсто.

„Средбата со финските бизнисмени е резултат на серијата меѓународни контакти кои треба да ја подобрат соработката со европските земји и убава можност да се запознаеме со потенцијалите за соработка со Финска. Со земјата немаме стандардизирана соработка на повеќе основи и се надеваме дека ќе воспоставиме директна комуникација што ќе овозможи соработката да трае константно во нормален размер“, изјави претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пeшeв.

Според македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, има голем простор за подобрување на соработката меѓу двете земји.

„Уверен сум дека овој бизнис-форум ќе резултира со нови бизнис-партнерства, започнување нови форми и проширување на секторите на соработка, што ќе придонесе за зголемување на целокупната трговска размена меѓу двете земји, но и нови инвестиции од Финска“, изјави Бектеши.

Финска е една од водечките земји во светот во многу индустрии и е позната по стабилно и просперитетно деловно опкружување, извозна ориентираност и успешни деловни релации како со нордиските земји, така и со единствениот пазар на Европа, а засега од Македонија најмногу увезува текстилни производи, но интересот се проширува и на индустријата за пластика и на машини.

За финскиот амбасадор во Србија, кој е задолжен и за Македонија и за Црна Гора, Перти Иконен, соработката не е на задоволително ниво, но со процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ двете земји ќе стануваат сè поблиски, а ќе се зајакнуваат и економските врски. Почесниот конзул на Финска во Македонија, Светозар Јаневски, истакна дека Финска иако важи за мала земја нејзината главна карактеристика е индивидуалниот пристап.