Финансовата полиција запленила и возило што ги поврзува Доневски и Секјуриком


Финансовата полиција при приведувањето на екс директорот на Службата за општи и заеднички работи Васе Доневски, запленила и едно патничко возило кое ги поврзувало приведениот и одговорното лице од „Секјуриком“, со која екс директорот проневерил 11 милиони евра во корист на фирмата, соопшти денеска Арафат Муареми, директорот на Финансовата полиција. Тој посочи дека истрагата траела 3 месеци, а вчера покрај возилото била запленета и документација, неколку компјутери и „УСБ“ уреди. Доневски се терети дека во 2015 година склучувал нелегални договори со „Секјуриком“ од Австрија, при што незаконски претходно ја елиминирал конкуренцијата.

„Пронајдена е документација која покажува дека возилото е купено од компанијата што го добила тендерот, додека со полномошно го користел првоосомничениот“, посочи Муареми и додаде дека не исклучена можноста во случајов кривични пријави да добијат и други инволвирани лица. Од Финансовата полиција посочија дека во случајов е завршена прва фаза од истрагата.

Во текот на 2015 година свесно и со однапред утврдена намера Доневски ја искористил службената положба и со пречекорување на службените овластувања иницирал постапка за јавна набавка. Тој, како што информираше Сузана Петровска од Финансиската полиција, со цел да ја избегне обврската да побара согласност од Советот за јавни набавки, испратил известување за оглас за јавна набавка до седум економски оператори.

Четири од нив, Друштво за обезбедување и услуги „Секјуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје, Друштво за услуги „Секјуриком сервис“ ДООЕЛ увоз – извоз – Скопје, Друштво за услуги АПС ДОЕЛ Скопје  и „Топ сервис“ ДОЕЛ Скопје се капитално поврзани друштва во сопственост на второпријавениот.

Друштво за производство, трговија и услуги „Серта“ ДОЕЛ увоз – извоз Скопје и Друштвото за хигиенско-технички услуги „Техночист“ ДОО Скопје се друштва кои во период пред јавната набавка имале соработка со „Секјуриком мулти сервис интернационал“.

Друштво за трговија и услуги „Еко клининг“ ДОЕЛ Скопје е фамилијарно поврзано со „Серта“ ДОЕЛ.

Од овие седум економски оператори се добиени позитивни одговори со изјави за заинтересираност за учество на огласот за јавна набавка при што е избегната обврската за барање на согласност од Советот за јавни набавки.

Пријавените склучиле договор за извршување на услуги прекршувајќи го Законот за јавни набавки со што оформиле неделива постапка за јавна набавка која меѓусебно опфаќала пет дејности коишто не се поврзани. Сето тоа, како што појасни Петровска, со намера да се намали и елиминира конкуренцијата, ја избегнале можноста и за електронска аукција со која ќе се овозможи конкурентно наддавање и намалување на цената на услугите. „Секјурикум мулти сервис интернационал“ се стекнало со противправна имотна корист во износ од 660.834.855 денари.

„Сјекуриком“ беше долгогодишен партнер на Владата и министерствата, ангажиран меѓу другото за услуги за чистење и одржување хигиена, за обезбедување, тековно одржување на владините објекти.

Сѐ уште нема информации дали Обвинителството ќе бара мерка притвор за Доневски кој беше приведен вчера.