Финансиска полиција ја „чешла“ работата на Антикорипциска


Финансиска полиција ја испитува работата на Државната комисија за спречување на корупција каде се чешлаат документите од последниве три години на работењето на Антикорупциска, објави тв 21.

Со влегувањето на финансиската полиција во антикорупциска извршен е директен атак врз ова независно тело, изјави поранешниот член на Државната комисија за спречување на корупција, Ариф Муса.

Тој се сложува дека неефикасноста е еден од епитетите кои ги заслужува не само овој состав туку и сите претходни, но дека имало сомневање или можност за толкава злоупотреба на јавните пари во таа институција е неосновано.

Ова според Муса е притисок за што побрзо поднесување на оставки и формирање на нова комисија блиска до актуелната влас.

„Ова знаете како е, личи дека сакаме нова комисија и се пуштија во решавање со притисок да дадат оставка. Не зборувам за ефикасноста, не ги бранам во тој дел. Значи власта сега се пушти во оваа комисија затоа што сака да го промени составот на комисијата. Апсолутно е тоа така“, вели Муса.

Директорот на финансиска полиција, Арафат Муареми во ексклузивна изјава за ТВ21 рече дека тие постапуваат според своите надлежности по претходно добиена наредба од јавен обвинител.

„Како ќе течат настаните и начинот на добивање на доказен материјал врз база на тие документи, ние ќе можеме да утврдиме дали навистина се злоупотребени тие парични средства, но истрагата ќе го покаже тоа“, додаде Муареми.

По внатрешната ревизија во Комисијата за спречување корупција во јавноста се обелодени и дека постои сомневање дека антикорупционерите ги злоупотребиле парите од патните трошоци.