Филмски циклус – 100 години Ингмар Бергман


Кинотеката на Македонија ќе го чествува познатиот шведски режисер Ингмар Бергман и за таа цел ќе бидат емитувани неговите култни филмови од 28 септември до 4 октомври. Филмскиот циклус е во заедничка организација со Амбасадата на Кралството Шведска.

„Треба ли да се биде толку луд за да се биде искрен или, пак, треба да се биде прилично искрен за да се биде доволно луд? Ваквата софистичка дилема веројатно е можна – а и прилично потребна – кога станува збор за шведскиот режисер Ингмар Бергман (Ingmar Bergman, 1918-2007). Бидејќи, кога ја читате неговата автобиографија „Мојот живот: Латерна магика“, поточно, една од неколкуте неговите (авто)биографии – и кога ќе се судрите со толкава количина искреност кога се работи за филмот, театарот, подемите, падовите, но и првите сексуални искуства, внатрешните немири, душевните болки, траумите од детството, многубројните љубовни врски што резултирале пет официјални брака и девет деца. Неретко помислувате дека овој автор, како и сите гении во уметноста, е луд“, рецензира Стојан Синадинов.
Македонските филмољупци и почитувачи на овој гениј ќе имаат можност да ги погледнат филмовите „Лето со Моника“, „Островот Бергман“, „Седмиот печат“, „Навлегувајќи во Бергман“, „Диви јагоди“, „Персона“, „Есенска соната“, „Фани и Александер“ и „Сарабанд“.
Режирал повеќе од шеесет филма и документарци од кои повеќето ги напишал самиот тој. Неговата работа често се занимава со смрт, болест, вера, предавство, песимизам и лудило. Неговиот филм „Седмиот печат“ останува запаметен како едно од големите филмски ремек-дела.
Ингмар Бергман е роден во Упсала, Шведска, како син на Ерик Бергман, лутерански поп и Карин, медицинска сестра. Израснал со неговиот постар брат Даг и сестрата Маргарета, опкружен со религија.
Според податоците на Википедија, неговиот татко бил конзервативен и со строги родителски концепти. Ингмар бил затворан во темни плакари за „престапи“ како мокрење во кревет.