Филмскиот циклус „Уредник со причина“ ќе го почне гитарската легенда Влатко Стефановски
Кинотеката на Македонија овој месец ќе го воведе филмскиот циклус „Уредник со причина“ во кој ќе бидат прикажувани филмови избрани од некоја јавна личност. Прв уредник на филмови по личен избор ќе биде гитарската легенда Влатко Стефановски.
– Програмата ќе претставува филмска селекција која го потенцира персоналниот аспект на доживувањето на едно филмско дело и секој месец една јавна личност ќе има можност и слобода да биде „филмски уредник“, соопшти Кинотека.
Како еден од најпознатите и најуспешни македонски музичари со сестран опус разбирливо, велат од Кинотека, што селекцијата на Стефановски се состои од филмови со моќна музичка подлога.
По негов избор на 26 февруари ќе биде прикажан „Париз, Тексас“ на Вим Вендерс (1984), на 27 февруари македонскиот „Мирно лето“ на Димитрие Османли (1961) и на 28 февруари – „Големата убавина“ на режисерот Паоло Сорентино (2013).
По проекцијата на „Големата убавина“ Влатко Стефановски ќе се дружи со публиката со која ќе разговара за филмовите од програмата.